Романскиот пливач Давид Поповичи сензационално освои златен медал на Светскиот шампионат во Будимпешта, во дисциплината 200 метри слободно. Поповичи до златото стигна со време 1:43.21 минути, што е и нов светски јуниорски рекорд.

Сребрениот медал го освои Сунва Хванг од Јужна Кореја со 1.26 секунди заостанување зад победникот, додека на подиумот место имаше и за Британецот Том Дин со 1.77 секунди послабо време од победничкото. На четвртото и петтото место се пласираа Американецот Дру Киблер и Австриецот Феликс Аубоек.

Светски рекорд постави и Италијанецот Томас Чекон, откако победи на 100 метри грбно со време од 51 секунда и 60 стотинки. Чекон за 25 стотинки го надмина досегашното најдобро време на 100 метри грбно што беше во сопственост на Американецот Рајан Марфи од Олимписките игри 2016 во Рио де Женеиро.

Марфи ја заврши финалната трка во Будимпешта второпласиран со време од 51:97, додека бронзениот медал го освои неговиот сонародник Хантер Армстронг со само една стотинка поспоро време (51:98). Покрај својот прв златен медал на светските првенства, Чекон за новиот светски рекорд освои и парична награда во износ од 50.000 долари.