СВЕТСКИОТ ТРЕНД КАЈ НАС ГО ВНЕСУВА ПАКОМАК – „Зелени поени“ за рециклирање пластични шишиња

119

„Зелени поени“ ќе добие секој граѓанин кој во т.н. вендинг машини ќе стави пластично шише или лименка. Машините ќе ги постави компанијата „Пакомак“ во неколку општини низ државава.

– Со помош на Фондот за иновации и технолошки развој, „Пакомак“ стана првата македонска компанија што го воведува светскиот тренд во рециклирањето – повратни вендинг машини за пластични шишиња и лименки. Целта на поставувањето на повратните вендинг машини е да се мотивираат граѓаните што поефикасно и побрзо да се вклучат во процесот на селективно одложување отпад. Со самото учество во процесот ќе бидат соодветно наградени со т.н „зелени поени” кои може да ги користат за плаќање производи и јавни услуги (на пр. комунални такси, билети за јавен превоз, паркинг и сл. – информираат од „Пакомак“.

Долгорочниот план на „Пакомак“ опфаќа поставување машини на целата територија на државата.

– Проектот е наменет за сите граѓани, без разлика на возраста и социјалниот статус, а и системот на награди е приспособен за сите групи во општеството. Првиот прототип се очекува во првата половина на 2020 година – нагласуваат оттаму.

Она што започна како експеримент во 70-тите години на минатиот век во Норвешка, денес е многу успешен глобален проект кој на еден едноставен начин ја одржува нашата планета почиста, истовремено поттикнувајќи ги луѓето да рециклираат отпад.