Краткометражниот македонски филм „Вера“ на Верица Недеска Трајкова ќе ја има светската премиера на фестивалот „Балкан Панорама ФФ“, што ќе се одржи од 15 до 20 октомври во Измир, Турција.

Ова остварување е дел од петте филмови избрани во официјалната натпреварувачка селекција насловена Yellow Umbrella на шестото издание на Фестивалот.

“Учеството на Балкан Панорама е всушност и светската премиера на „Вера“, со оглед на тоа дека филмот не се прикажа на другите фестивали каде што е официјално селектиран поради ситуацијата со COVID – 19”, изјави Димитар Димовски, продуцент на филмот. Филмот е финансиран од Агенцијата за филм и е копродукција помеѓу Стори Скоп, Фокус Покус Филмс и Филмски институт – Охрид. Главните улоги ги толкуваат Сабина Ајрула и Симона Димковска, а останатата актерска екипа ја сочинуваат Ристо Стефановски, Александар Степанулески, Јовица Михајловски, Јасмина Василева и Верица Недеска Трајкова.