Светска премиера на „Снежана на крајот умира“ на фестивалот „Слaмденс“

101

„’Снежана на крајот умира’ е филм за тоа колку е ужасно тешко да се остане чесен и верен на своите вредности во морално корумпирана средина. Жанровски е социјална драма во амбалажа на комедија на апсурд“, рече во интервју за весникот ВЕЧЕР режисерот Кристијан Ристески

Македонскиот игран филм „Снежана на крајот умира“ (Snow White Dies at the End) по сценарио и во режија на Кристијан Ристески својата светска премиера ќе ја има на 28. издание на фестивалот „Сламденс“ (Slamdance), кој ќе се одржи со физичко присуство и онлајн, од 20 до 30 јануари 2022 во Парк Сити, Јута, САД.

„’Снежана на крајот умира’ е филм за тоа колку е ужасно тешко да се остане чесен и верен на своите вредности во морално корумпирана средина. Жанровски е социјална драма во амбалажа на комедија на апсурд. Филмот е серија од три приказни за три групи луѓе, една мува, едно прасе, една клозетска шолја и еден град, чии патишта се допираат и влијаат еден врз друг“, рече во интервју за весникот ВЕЧЕР режисерот Кристијан Ристески минатата година.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Верица Недеска, Наташа Петровиќ, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Давид Јанакиев и Тино Костадиновски.

Како што појасни режисерот во истото интервју, филмот во голема мера се потпира на актерските изведби. „Посветивме огромно внимание на процесот на кастинг, кој беше обемен и долготраен, а пред да почнеме со снимање имавме околу 40 проби со актерите. Многу сум задоволен и од резултатот и од процесот на работа со актерите“, додаде Ристески.

Филмот е македонско-кипарска копродукција меѓу продукциските куќи Вертиго Висуал (МКД) и Карета Филмс (КИП), а финансиски е поддржан од македонската Агенција за филм и кипарскиот филмски фонд. Продуцент на филмот е Дарко Попов, кинематографери се Димо Попов и Севдије Кастрати, монтажер е Горан Вуќиќ, композитори се Александар Пејовски и Ставрос Макрис, сценограф е Сашо Блажевски, костимограф е Емилија Ивановска Атанасовска, дизајнер на звук е Грег Малканџи, маскер е Мојца Горогранц Петрушевска, а кастинг директор е Мони Дамевски.

Инаку, „Сламденс“ е фестивал на дебитантски филмови којшто се одржува под мотото „од филмаџии за филмаџии“ и со буџет до милион долари, карактеристика што е единствена за фестивалот „Сламденс“ од неговото основање во 1995 година. На овој фестивал режисерски дебија имале Кристофер Нолан (познат по „Tenet”, „Dunkirk“, „Inception“), Бонг Џун Хо (познат по „Parasite“, „Okja“, „Memoirs of a Murder“), Шон Бејкер (познат по „Red Rocket“, „The Florida Project“, „Tangerine“)…

„Фестивалот е посветен на поттикнување независни уметници во развој, годинешната програма може да се пофали со 23 премиери, вклучувајќи 13 светски, 6 северноамерикански и 4 американски дебиа. Натпреварувачката програма вклучува филмови, избрани од преку 1.124 остварувања, кои доаѓаат од сите страни на светот, вклучувајќи ги Германија, Австралија, Иран, Канада, Кина, Италија, Полска и Велика Британија, меѓу другите. Сите натпреварувачки филмови се долгометражни, режисерски дебиа без дистрибуција во САД“, посочуваат од „Сламденс“. (Н.И.Т.)