Светската награда за хуманизам за академикот Старделов: Јасно е дека се е од и до човекот…

115

Академикот, професор Георги Старделов, е првиот добитник на Светската награда за хуманизам од Македонија. Ова признание секој 18 јануари, наспроти Богојавление, ја пренесува идејата за првата Школа на хуманизмот во Средновековна Европа, создадена од Свети Климент и Наум учениците на светите Кирил и Методиј, прогласени за заштитници на Европа.

„Кога тој ќе ја изговори парадигмата ‘Велт шмерц‘, и македонскиот станува дел од светскиот бол. Кога Вие ќе изговорите светска филозофија, Македонија ја добива со Вас потпорната Архимедова точка, кога ќе речете светска историја го одредувате местото на Македонија…“, рече меѓу другото амбасадорот Јордан Плевнеш во Куќата на Уранија во Охрид.

Наградата ја врачи градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.

„Старделов е автор со импозантен опус дела од доменот на филозофијата, естетиката и критичката мисла, објавени на многу јазици на сите пет континенти“, рече Георгиески тој заблагодарувајќи се на Академијата на хуманизмот што преку организирањето на оваа величествена манифестација се активира генетскиот код и колективната меморија на првата Средновековна школа на хуманизмот на Светите Кирил и Методиј.

Лауреатот Старделов во своето обраќање пред присутните посочи на предизвикот со кој се соочува човекот во денешницата, дека по Хирошима се одвива големата ако не и најголемата глобална криза, што ги загрозува сите облици на животот како таков.

“Веќе нема на земјата такво забрането овошје и зелена фиданка која човекот на се обидел да ја скине или оскврнави. Со тоа стана јасно дека се е од и до човекот. Затоа и решението треба да се бара во надминувањето на стариот, излетениот дури и лицемерен хуманизам, со еден нов охридски, со еден животворен природен хуманизам кој ќе го надвладее времето на изгубената човекова блискост со природата и луѓето, време во кое ќе може да се дојде до неминовно освестување на човекот, својот опстој на планетата Земја да го здружи со природата во едно неразлачно единство и со нова надеж љубов и заемна искрена почит“, рече Старделов.

На свеченоста беше прочитана и пораката како и поемата што за годинешниот лауреат ја напиша и испрати Жан-Патрик Конрад, професор на „Ројал колеџ“ од Лондон и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите.