Светот се тресе од омикрон, Македонија го чека со отворени граници

ВЛАДАТА УТРЕ ОДЛУЧУВА НА ПРЕДЛОГ НА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

2335

Како што објасни министерот за здравство Венко Филипче, засега нема потреба да се воведуваат мерки од типот на затворање на граничните премини, карантини и барање ПЦР тестови за патниците кои доаѓаат од земјите каде што циркулира новиот сој. Според него, тоа нема да даде ефект поради тоа што е очигледно дека кога ќе се појави нов сој не може да се ограничи неговото ширење само на една територија. Филипче смета дека акцентот и понатаму треба да е насочен кон засилување на имунизацијата.

Македонија засега нема да воведе мерки за заштита од новиот сој на коронавирусот омикрон. За разлика од кај нас, во моментов во повеќе земји во светот забрзано се преземаат нови мерки за заштита од овој сој, се затвораат границите за патниците што доаѓаат од земјите каде што мутацијата веќе циркулира.

Комисијата за заразни болести и министерот за здравство Венко Филипче по денешниот  состанок одлучија засега на владата да не и предложат нови мерки, остануваат актуелните кои, според нив, се добри и даваат резултати. Како што објасни министерот Филипче епидемиолошката состојба во земјава е стабилна, нема притисок врз болниците, па затоа на утрешната владина седница ќе се разговара за денешниот предлог на Комисијата дека за новиот омикрон засега нема потреба да се воведуваат мерки од типот на затворање на граничните премини, карантини и барање од патниците ПЦР тестови. Според него акцентот и понатаму ќе се стави на засилување на имунизацијата во земјава.

-Остануваме со сегашните мерки, бидејќи сѐ уште нема доволно познати информации за новиот сој, иако СЗО укажува на тоа дека можеби е полесно пренослив. Сепак, директорот на американскиот институт за здравство д-р Колинс смета дека и за тоа нема доволно информации. Во однос на затворање на границите, во однос на карантинизирање на патници кои доаѓаат од одредени земји нема да даде ефект поради тоа што е очигледно дека кога ќе се појави нов сој не може да се ограничи неговото ширење само на една територија – објасни Филипче.

Според министерот, соеви ќе се јавуваат и понатаму, поради што остануваат на сила сегашните мерки кои, според него, се добро димензионирани, а и понатаму се става акцент на вакцинацијата.

Што се однесува за новиот сој, здравствените експерти од земјава имаат различен пристап. Според искусниот микробиолог д-р Никола Пановски сè уште е рано да се коментира за овој вид нов сој, бидејќи треба да помине одреден временски период за да се види како ќе се одвива ситуацијата.

-Еден наш колега, лекар во Јужна Африка, веќе посочи дека омикрон има поблаги симптоми, па според тоа може брзо се шири, но поретко да се умира – укажува професорот Пановски.

Доктор Злате Мехмедовиќ, пак вели дека има причина да бидеме загрижени од новата мутација на коронавирусот, бидејќи тој е 500 отсто попренослив. Според него можеби ова е најсериозната варијанта од почетокот на пандемијата и затоа смета дека и земјава треба навреме да преземе превентивни мерки.

Епидемиологот д-р Драган Даниловски, имајќи го предвид ширењето на новиот сој на коронавирусот, препорача да се носат задолжително маски во затворен простор, но и да се одржува препорачаното растојание меѓу луѓето. Професорот Даниловски не се согласува со Комисијата и смета дека треба да се ограничи бројот на посетители во угостителските објекти, а ако епидемиолошката состојба се влоши, да се земе предвид и нивно целосно затворање.

Во однос на јавниот превоз, тој вели дека треба да се воведе скалесто работно време, за да се редуцира бројот на автобуси.

-Ако се потврди дека омикрон дава благи симптоми, нема да има потреба за загриженост дури и да биде 500 пати позаразен, дополнува професорот Даниловски.

Владата денеска треба да разговара и за финансиската стимулација за матичните лекари, со која тие ќе добијат по 30 денари од пациент, ако 70 посто од нивните пациенти се вакцинирани за заштита од ковид-19. Како што објасни Филипче опфатени се околу 1.500 матични лекари, а овој бонус би можеле да го добијат веќе од идната недела.

– Веќе разговарав со дел од колегите кои ја прифаќаат најавената мерка. Тие треба преку комуникација, апели, повици да ги убедат граѓаните да се вакцинираат – вели Филипче и дополни дека според него оваа мерка не е задоцнета.

Министерот укажа дека останува мерката прележаните лица по 45 дена од добивањето на негативен ПЦР тест да се имунизираат. Останува и мерката 50 отсто од затворениот простор на угостителските капацитети да биде исполнет.

(В.Ма.)