Правилата за користење на ресурсите од вселената би можеле да причекаат, барем додека не се уредат земските

Босна и Херцеговина се обврзала дека нема да ја окупира Месечината ниту други небесни тела, пишува N1. Тоа е дел од документот кој е ратификуван  на последната  седницата на Парламентот на БиХ.

Станува збор за Договор за принципите со кои се уредува дејствувањето на земјите во истражување и користење на вселената, вклучувајќи ја и Месечината и другите небесни тела.

„Правилата за користење на ресурсите од вселената би можеле да причекаат, барем додека не се уредат земските – изјавил за Радио Слободна Европа Мирко Шаровиќ, претставник на Српската демократска партија во Парламентот на БиХ.

Меѓу останатото БиХ со договорот се обврзала дека во вселената нема да користи нуклеарно оружје. Во Договорот пишува дека вселената, вклучувајќи ја Месечината и другите небесни тела, не се предмет на национално присвојување на основа на барања за суверенитет, за користење или за окупација.

Станува збор за меѓународен договор, а некои парламентарци велат дека тој и не е некој приоритет. „Додека државата губи голем број жители, ние се занимаваме со проблемите на вселената кои апсолутно не нè засегаат, ама мора да се усогласат со некои европски принципи“ – вели Шемсудин Мехмедовиќ од партијата Демократска акција.