Светиниколските пожарникари добија возило од фондацијата „Флоријан“

34

Противпожарната единица од Свети Николе денеска го доби противпожарното возило од фондацијата „Флоријан“ од Велика Британија. Возилото е опремено за секов вид на опрема за теренски активности при гаснење на пожарите.

Рој Баркалој, командир на Противпожарната единица во Дорсет, а воедно и член на УО на „Флоријан“, информира дека самите пожарникари ги имаат донесено возилата за три општини во земјава.

– Возилото го донесовме овде сами, поминавме повеќе од 2.000 километри низ цела Европа. Возилото е целосно опремено со светла, скала, протипожарна опрема, црева и се што е потребно, вели Барколој.

Командирот на Противпожарната единица, Свети Николе, Александар Лазев потенцира дека новото возило е од големо значење, имајќи предвид колкава е дотраеноста и староста на возилата, со кои гаснат пожари.

– Ова значи многу за нас и е полно со опрема, за да имаме поефикасни интервенции. Ние располагаме со четири возила, од кои едно е неисправно. Имаме потреба од возила, а возниот парк ни е доста стар, вели Лазев.

Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев посочи дека за донацијата заслужни се и членовите на доброволното Противпожарно друштво во Свети Николе, кои низа години соработуваат со фондацијата „Флоријан“.

Во источниот регион вчера исто вакво возило добија и пожарникарите во Македонска Каменица.