Свети Кирил Лешочки е новиот светец – ќе се празнува на 25 март

736

Тетовско-гостиварскиот митрополит Јосиф, во интервју за весникот ВЕЧЕР, уште во март годинава ја откри ексклузивната вест за започнување на процес на канонизација на Кирил Пејчиновиќ, а официјалната свеченост се одржа викендов, во Лешочкиот манастир и во тетовскиот соборен храм „Свети Кирил и Методиј“. Со свечената служба чиночаланствуваше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, во сослужение со архијереите на Светиот архијерејски синод. Кивотот со моштите на новиот светител беше поставен пред олтарот на тетовскиот соборен храм, а до него е поставена икона на која за прв пат како светител е изобразен ликот на Кирил Лешочки, од зографот Кирил Златанов

 

Игуменот лешочки и народен просветител Кирил Пејчиновиќ-Тетоец, како свети преподобен Кирил Лешочки, е новиот македонски светител. Тетовско-гостиварскиот митрополит Јосиф, во интервју за весникот ВЕЧЕР, уште во март годинава ја откри ексклузивната вест за започнување на процес на канонизација на Кирил Пејчиновиќ, а официјалната свеченост се одржа викендов, во Лешочкиот манастир и во тетовскиот соборен храм „Свети Кирил и Методиј“. Со свечената служба чиночаланствуваше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, во сослужение со архијереите на Светиот архијерејски синод.

Кивотот со моштите на новиот светител беше поставен пред олтарот на манастирската црква во Лешок, а до него е поставена икона на која за прв пат како светител е изобразен ликот на Кирил Лешочки, од зографот Кирил Златанов.

Епископот хераклејски, г. Климент, ја прочита одлуката на САС на МПЦ-ОА за вбројување на преподобниот Кирил Пејчиновиќ Лешочки во редот на светиите.

-Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА го вбројува преподбниот во редот на светиите. Чесните останки на светиот игумен Кирил Пејчиновиќ Лешочки се свети мошти и се оддава достојно почитување, а за датум за негова прослава Синодот го определува 25 март по нов стил. За новоканонизираниот светител е живописана икона и се напишани житие, акатист, утрена и вечерна богослужба – прочита г. Климент.

Кратко житие за Кирил Лешочки прочита презвитер Бобан Митевски, кој потсети дека светителот го започнал земниот живот во Теарце, во 1771 година, од набожни родители и татко Пејчин.

-Во Лешочкиот манастир го напиша делото „Утешение грешним“, имајќи ја на ум Пресветата Богородица, која ја сметаше за утеха на грешниците и затоа така го нарече делото. Неговите поуки беа за духовна преродба, го учеше верниот народ како да се кае, како да пости, како да ги празнува празниците, како да се исповеда, како да се причестува со светите тајни Христови. Предупредуваше за духовната опасност предизвикана од паганскиот обичај за жртвопринесување на телата на животните. Помагаше и се случуваа исцеленија од различни – се вели во дел од Житието што го составил протоереј Александар Стојановски од Тетовско-гостиварската епархија. Потоа хорот на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ изведе тропар на преподобниот Кирил Пејчиновиќ.

За црковното и за просветителското дело на Пејчиновиќ се учи уште во основното образование, а за неговиот живот, покрај бројните написи, дознаваме и од камената плоча на неговиот гроб, која самиот ја изделкал и го напишал познатиот епитаф, на кој преку стихови го опишува својот животен пат. Но, малкумина знаат дека откако починал во 1845 година, неговите посмртни останки четири пати биле откопувани и преместувани. Големиот македонски просветител, народен учител и игумен на Лешочкиот манастир ги напишал делата „Огледало“, „Утешение грешним“, „Житие кнеза Лазара“, како и епитафот, кој е врежан на неговата надгробна плоча.

Фолклористот, проф. д-р Марко Китевски, во сеопфатната анализа за весникот ВЕЧЕР ден пред официјалната канонизација, меѓу другото, истакна дека Кирил Пејчиновиќ-Тетоец е еден од првата генерација македонски писатели и дека неговите заслуги се многу значајни и во обновувањето на манастирите, отворањето манастирски школи, собирањето книги, збогатувањето на манастирските библиотеки итн. Меѓутоа, Китевски ја апострофираше и заслугата на Пејчиновиќ да биде канонизиран за светец и поради неговата афирмација на христијанството, пред сè во борбата против суеверието, кое во тоа време, на овие простори, било многу силно.

 

-За време на својот престој во Марков манастир, Пејчиновиќ ја напишал книгата „Огледало“ во која, покрај другото, се зборува и за суеверието. Во таа смисла, во науката најголемо внимание предизвикувал текстот со наслов: „Поука за секој христијанин како треба да се празнуваат празниците“, текст што се преобјавува и под насловот „Слово за празниците“. Во овој текст, тој го поучува народот како да ги празнува празниците, а врз лично искуство зборува против суеверието, кое било многу раширено меѓу народот. Особено се задржува на курбанот како еден пагански обичај што тешко се напуштал и покрај проповедите на свештениците. Повикувајќи да се слуша словото Божјо, Пејчиновиќ вели дека „оној што не го слуша словото Божјо, што не сака да го чуе, е како некоја овца што бега надвор од трлото. Таа овца нема да избега од волкот“, напиша проф. Китевски во својот осврт за весникот ВЕЧЕР. (Е.А.)