Светицата Мајка Тереза „заробена” во тревник, целиот случај оди во Ватикан

6158

Златарот Алојз Гомбар тврди дека е наследник на парцелата пред „Лумикс“ на скопскиот плоштад, за што има тапија за куќата на Мајка Тереза која ѝ е одземена со тогашната национализација. Тој чукнал на сите врати да си ја бара правдата, но, како што вели, никој досега не мрднал со прст. Револтиран е и што со зазеленувањето на парцелата не е оставен пристап до спомен-плочата на местото каде што била куќата на светицата. За овој случај тој вели дека ќе го извести Ватикан, но и сите странски амбасади во земјава да му помогнат да си го добие назад тоа што му припаѓа по наследство. Градските власти, вели тој дозволиле парцелата каде што била куќата на Мајка Тереза да се затреви, а да не се остави патека за пристап до спомен-плочата. – Деновиве во посета ми беа чесни сестри од Ватикан и посакаа да ја видат спомен-плочата, но мораа да ја погледнат од подалеку затоа што нема пристап до неа, вели за весникот ВЕЧЕР, единствениот наследник на Мајка Тереза

Просторот пред „Лумикс“ на плоштадот Македонија во Скопје кој деновиве беше затревнат, не е сопственост ниту на приватна фирма, а ни на Градот Скопје. Таа е сопственост на Алојз Гомбар, внук на светицата кој во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека е единствениот правен наследник на тапиите на Мајка Тереза, поточно на куќата во центарот на Скопје, која во 1947 година е национализирана од државата и урната и денес не постои, освен мермерната табла со известување дека тука некогаш се родила оваа светица.

– Се сеќавам дека Мајка Тереза при посетата на Скопје, ми се чини беше во 1979 или 1980 година, ги посади првите борчиња на местото на нејзината родна куќа и тогаш стана почесен граѓанин на Скопје. Оттогаш до сега Мајка Тереза ја воздигнуваат до небо, но не ѝ се признаени тапиите за куќата која ѝ е одземена со тогашната национализација – ни раскажа Алојз Гомбар, кој во Скопје е познат како златар Луиз. Тој поседува златарски дуќан во Градскиот трговски центар.

Револтиран е што никој не го споменува, а ни ја покажа оригиналната тапија од куќата на светицата во Скопје што му ја дала неговата мајка, инаку прва братучетка на мајката на Мајка Тереза.

– Ова е оригиналната тапија, која е направена во 1947 година, во југословенската амбасада во Тирана, Албанија. Со оваа тапија мајката и сестрата на Мајка Тереза му ја подаруваат куќата во Скопје на мојот дедо по мајка ми – вели Гомбар за весникот ВЕЧЕР.

Тој вели дека иако ја има тапијата од куќата, никој во државава не му ја признава. Од 2005 година ја почнува правната битка за докажување на наследството, но секаде наидува на затворени врати.

– Пред седум-осум години му се обратив на тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и го запознав со мојот случај, но тој децидно ми одговори дека имотот на Мајка Тереза ѝ бил одземен бидејќи никој од семејството тогаш не живеел во Македонија и дека тоа е веќе завршена работа – вели Гомбар.

За неговиот случај е информиран и сегашниот министер за транспорт и врски, Горан Сугарески.

– Како и претходно, така и пред 1,5 месец целокупната документација заедно со моите изјави давани изминативе години за домашни и странски весници и телевизии, повторно ги доставив до Министерството за транспорт и врски. Но, како и многупати досега немам одговор. Никој не мрднува со прст, ни од Владата, а ниту од Град Скопје. Се спори куќата, а се продава земјиштето, дури и Лумикс грабна од парцелата, а никој не сака да спроведе целосна денационализација – рече Гомбар.

За овој случај тој вели дека ќе го извести Ватикан, но и сите странски амбасади во земјава да му помогнат да си го добие назад тоа што му припаѓа по наследство.

Тој е револтиран од потегот на градските власти кои дозволиле парцелата каде била куќата на Мајка Тереза да се затреви, а да не се остави патека за пристап до спомен-плочата.

– Деновиве во посета ми беа чесни сестри од Ватикан и посакаа да ја видат спомен-плочата, но мораа да ја погледнат од подалеку затоа што нема пристап до неа. Од ваквиот потег градот губи најмногу затоа што туристите што доаѓаат во Скопје секогаш го посетуваат ова место каде што била родена Мајка Тереза. Сега и јас немам пристап до спомен-плочата за да оставам цвеќе, а тоа го правев барем еднаш во месецот – вели Гомбар. 

За блокирањето на спомен плочата на Мајка Тереза скопскиот градоначалник, Петре Шилегов деновиве изјави дека не може да создаде пристап до спомен-плочата бидејќи просторот каде е поставено зеленилото е приватен имот, а затревувањето на парцелата е донација на, како што рече „свесни граѓани“.

Ова предизвика реакција од директорот на Музејот на Мајка Тереза, Аријан Асланај, кој изјавил за медиумите дека од Секторот за култура на Град Скопје му предложиле поставување на неколку камења со кои ќе се овозможи пристап до спомен-плочата.

– Што се однесува до пристапот дали ќе биде возможен, ќе му оставиме на времето. Немам гаранција дека ќе се направи тоа, но времето е многу кратко, 4 септември е многу брзо и се надевам дека нешто ќе се реши. Нормално ќе биде привремено, бидејќи нашата светица не заслужува да биде така, па макар и само со спомен плоча – истакна Асланај за медиумите. И  вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, преку медиумите вети дека овој проблем ќе се реши брзо и лесно.

(С.Бл.) – Фото: Н.Б.