Свадби нема, ама има приватни забави со по илјада гости на кои се пие, пее и игра

Ако Комисијата за заразни болести во најкраток можен рок не предложи унифицирани протоколи за работа со кои ќе овозможи сите угостителски објекти да работат ќе се соочат со масовна граѓанска непослушност и протести. За угостителите нема логика сè уште да има забрани за свадби и други прослави, а од друга страна да може да се организираат музички настани и приватни забави со по илјада гости на кои може да се точи алкохол, да се служи храна, да се игра и да настапуваат музички групи од соседството

247

Новите рестриктивни мерки кои се најавуваат од есен ќе затворат половина од кафеаните и рестораните во градот, а 35 илјади угостителски работници ќе останат без работа. Последните протоколи за работа во кој угостителите се изборија да не се легитимираат гостите и да се зголеми нивниот број, овозможија во летниот период малку да го зголемат приходот кој не е ни половина од оној што го остваруваа лани. Предложените мерки со кои повторно ќе се ограничи бројот на гости во угостителски објекти и бројот на лица за седење на една маса, ќе значат дополнителни проблеми со гостите, инспекциските контроли и неможност на нормално функционирање.
-Ограничувањето на бројот на лица на една маса, дополнителни ограничувања на бројот на лица во угостителски објект или било какво ограничување на работното време ќе доведе приходите да паднат на 10 до 20 отсто од редовните, поради кое угостителите ќе бидат приморани да ги затворат своите локали. Најмалку 10 отсто од постојните угостители воопшто не ги отворија своите локали, а во моментов најавите на угостителите се дека со заладување на времето и со нови протоколи минимум 15 отсто планираат да затворат. Доколку се остварат најавите за новите рестриктивни мерки 50 отсто од моментално активните угостители не само што ќе ги затворат локалите, туку и ќе банкротираат, вели Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора.
Проблем за угостителите е и непостоењето на унифицирани протоколи. Тие сметаат дека е потребна примена на светски познати препораки за работа на угостителската индустрија. Предложените промени на протоколи ќе доведат до континуирани инспекторски контроли, угостителите ќе се соочуваат со секојдневен судир со гостите и неможност за почитување и практична примена на истите.
-Угостителите се веќе исцрпени и уморни од несоодветните протоколи. Доколку новите протоколи не бидат пропратени со субвенции за плати, соодветни кредитни линии, директна државна помош и грантови ќе ги доведат угостителите до банкрот и затворање на 35.000 работни места. Единствено решение за опстанокот и задржувањето на работните места се субвенции за минимална бруто плата за наредните шест месеци за кои државата ќе треба да издвои околу 70 милиони евра, додава Јосифовски.
За угостителите нема логика сè уште да има забрани за свадби и други прослави, а од друга страна да може да се организираат музички настани и приватни забави со по илјада гости на кои може да се точи алкохол, да се служи храна, да се игра и да настапуваат музички групи од соседството. Додека, пак, протоколи за свадби поради кои големи загуби трпат специјализираните ресторани за организирање на веселби, ноќните клубови, кабареа, дискотеки и домашната естрада сè уште нема.
Ако Комисијата за заразни болести во најкраток можен рок не предложи унифицирани протоколи за работа со кои ќе овозможи сите угостителски објекти да работат ќе се соочат со масовна граѓанска непослушност и протести.

(А.С.)