Доктор Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар, за весникот ВЕЧЕР вели дека ако утре или најдоцна до 15 часот в понеделник не ја добијат платата за јануари, здравствените работници в среда излегуваат на предупредувачки протест. Според него, сите работиме за плата и во ваква економска криза, тешко е кога доцни исплатата на личниот доход. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека е запознаен со хакерскиот напад на ФЗО, па затоа се ангажирани експертски тимови од Германија, кои работат на отстранување на  овој проблем. Ковачевски дополнува дека е  разговарано и со Министерството за финансии да се изнајде начин за исплата на платите на вработените во здравствениот сектор

 

 

Ако утре или најдоцна до 15 часот в понеделник не ја добијат платата за јануари, здравствените работници в среда излегуваат на предупредувачки протест. Ова го посочи за весникот ВЕЧЕР д-р Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар, кој нагласи дека сите работиме за плата и во ваква економска криза, тешко е кога доцни исплатата. Според него, пробиен е и последниот законски рок за исплата на личниот доход за јануари на вработените во јавните здравствени установи, кој доцни поради хакерскиот напад, како што тврдат од Фондот за здравствено осигурување.

– Ако утре или в понеделник не бидат исплатени платите, Синдикатот на Клинички ќе одлучува за следните чекори, односно во вторник идната недела ќе се состанат Советот и Управниот одбор, како раководни тела, и ќе прецизираат што понатаму. Огромно е незадоволството на лекарите, сестрите, болничарите и на другиот медицински персонал, па в среда, најверојатно, ќе има предупредувачки протест, кој понатаму може да премине и во штрајк – посочува д-р Беговиќ за весникот ВЕЧЕР.

Тој истовремено информира дека деновиве добиле ветување од директорката на ФЗО дека за два дена ќе им бидат префрлени парите на сметките. Веќе ангажирале фирма која рачно да ги внесува податоците за исплата на платите на здравствените работници и за исплата на боледувањата.

Од Синдикатот велат дека нивното незадоволство не е само поради доцнењето на платата, штрајкот на вработените во Клинички би се активирал и поради неисполнетото ветување од пред два и пол месеци за зголемување на месечните примања на медицинските сестри и на останатиот помошен кадар за 2.000 денари.

Хакирањето на системот на Фондот за здравствено осигурување се случи на шести февруари. Значи, системот на Фондот веќе 11. ден не е во функција, а покрај плата за околу 25.000 здравствени работници во над 100 установи, не се исплаќаат ниту боледувањата, породилното и рефундациите.

Од ФЗО, и покрај сериозните состојби, се огласија само со соопштение во кое тврдат дека станува збор за сајбер-напад и дека нема излевање на податоците на осигурениците. Но, току ова предизвика сомнеж во јавноста и отвори низа прашања околу безбедноста на личните податоци на граѓаните.

Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека е запознаен со хакерскиот напад на ФЗО, па затоа се ангажирани експертски тимови од Германија, кои работат на отстранување на овој проблем. Ковачевски дополнува дека е  разговарано и со Министерството за финансии да се изнајде начин за исплата на платите на вработените во здравствениот сектор.

Ковачевски апелира до корисниците на ФЗОМ да бидат трпеливи, зашто, како што напомена, се прават максимални напори да нема застој во давањето на услугите.

– Сe работи за хакерски напад на ФЗОМ, за ист тип хакерски напад каков што имаа Министерството за земјоделство пред извесен период и некои други институции. Се работи за напад што е дел од хибридната војна која се води моментно во Европа, покрај класичната војна во Украина по нападот од Русија. На вакви напади беа изложени голем број институции во голем број држави, и тоа особено членки на НАТО. Професионалци од Германија и од други партнерски држави работат на решавање на проблемот, бидејќи во овој момент не може да функционираат трезорот и исплатата на финансиските средства од ФЗОМ по различни основи. Разговарав со министерот за финансии да се изнајде начин да се исплати плата преку Централниот трезор, а потоа да се направи порамнување со трезорот во ФЗОМ – вели Ковачевски.

Ковачевски апелираше до сите вработени во здравствениот сектор, до сите корисници на ФЗОМ, да имаат трпение, бидејќи навистина вработените во ФЗОМ деноноќно работат со цел овој проблем да биде решен во корист на сите корисници на услугите на ФЗОМ.

– Ние обезбедивме, преку вработените во ФЗОМ, во изминатиот период да нема застој во давањето на услугите со тоа што вработените ги продолжија и своите работни часови, дел од процедурите беа променети од дигитално во мануелно процесирање на барањата на осигурениците, особено на оние што одат од државниот во приватниот сектор и обратно за одредени прегледи и за одредени интервенции. Така што мислам, и ова ќе биде решено – подвлече Ковачевски.

Матичните лекари што ги контактираше весникот ВЕЧЕР, посочија дека веќе имаат препораки од ФЗО како рачно да ги пополнат формуларите неопходни за потребите на пациентите. Деновиве рачно се реализира изборот на лекар, како и издавањето потврда за привремена спреченост на работа, но и  потврда за добивање ортопедски помагала. Што се однесува за издавањето упат за специјалистичко-консултативни и болничка здравствена заштита, како и за издавањето рецепти за лекови – нема проблем, оти овој дел се реализира преку „Мој термин“, кој непречено функционира. 

 (В.Ма.)