Со најновата мерка на саудиската влада се ублажуваат повеќедецениските конзервативни ограничувања во таа земја.

Во Саудиска Арабија направени се неколку реформи поради критиките и незадоволствата за состојбата на жените. Така, жените повеќе нема да мораат да користат посебни влезови во угостителските објекти ниту да седат зад прегради во рестораните. Со најновата мерка на саудиската влада се ублажуваат повеќедецениските конзервативни ограничувања во таа земја.

Одлуката што се однесува на некои од највидливите облици на полова дискриминација била објавена вчера со внимателно напишано соопштение од Министерството за градски и селски прашања.

Рестораните и кафулињата во Саудиска Арабија, вклучувајќи ги и западните синџири како што е „Старбакс“, сега се поделени на „семеен дел“ наменет за жени што се сами или во придружба на роднини и на „дел за самци“, во кој може да седат само мажи. А тука се и посебните влезови. Во помалите ресторани и кафулиња, каде што нема место за поделба на масите и столовите, влез за жени не е дозволен.

Порано, рестораните требаше да имаат два посебни влеза, еден за семејства и жени, додека другиот, само за мажи. Ова правило и така не се почитуваше во последно време во многу ресторани.

Во текот на оваа година, кралската влада им дозволи на саудиските жени да патуваат сами без одобрение од машки старатели, додека минатата година жените добија право да имаат возачка дозвола.

Како и да е, активистите велат дека многу дискриминирачки закони кон жените се сè уште на сила, додека владата има уапсено неколку жени активисти кои се борат за правата на жените, во време кога се прават реформите.