За улогата на Климоска во  „Лена и Владимир“, од European Film Promotion истакнуваат „Настапот на наградената актерка Сара Климоска од Северна Македонија е откритие во вистинска смисла на зборот, со емотивна длабочина што ги занемарува нејзините години…“. Тоа што го имам ова признание силно ме мотивира да продолжам да работам ова што го работам, вели, пак, за весникот ВЕЧЕР, Климоска

Младата актерка Сара Климоска, ѕвезда на македонскиот кандидат за Оскар,„Врба“ на Милчо Манчески, е прогласена за една од десетте европски актерски откритија – Shooting Star за 2021. Изборот е направен од страна на European Film Promotion, а поради нејзината улога во дебитантскиот филм на Игор Алексов – „Лена и Владимир”, на Минд продукција. Ова остварување македонската публика допрва ќе има можност да го види. Токму по овој повод ја запрашавме и Климоска, какво значење за неа има овој избор од манифестација која се одржува во рамките на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин и важи за една од најпрепознатливите обележја на Берлинале.

„За мене е огромна чест и задоволство што сум дел од European Shooting Stars 2021 бидејќи тоа е единствена уникатна програма, којашто се случува во рамки на Европа и која дава признание на само десет актери од сите пријавени од Европа за актерско остварување. Тоа пак, што го имам ова признание силно ме мотивира да продолжам да работам ова што го работам“, вели за весникот ВЕЧЕР, Климоска.

Со оглед дека истовремено се работи за промоција во европски рамки, ја запрашавме и какви и се отвораат со овој избор.

„Во рамките на самата програма на European Shooting Stars 2021 се одвиваат повеќе состаноци со кастинг директори, режисери и продуценти, како и интервјуа на фестивалот во Берлин. Со тоа всушност се отвораат повеќе можности за идни соработки со луѓе од филмската фела“, додава Климоска.

На нашето прашање како се случи токму таа да да се најде во изборот на десетте актерски откритија, Климоска објаснува: „Можам да кажам дека критериумите на European Shooting Stars 2021 беа различни од минатите години заради пандемијата. Критериумите беа да сеима премиера на некој филм од март па наваму или,пак, таа да се случи во 2021 година. Исто така од оваа година имаат различен начин на промоција на европски актерски откритија, кои што до сега беа само во склоп на тие неколку дена само додека се одвива манифестацијата. Но, сега ќе има промоции преку целата година.

Во филмот „Лена и Владимир“, Сара ја глуми 16-годишната Лена, која никогаш се нема вљубено претходно, покрај средовечниот Владимир (Тони Науновски), кој пак има загубено сè што љубел претходно. Заедно доживуваат пролет во еден ладен јануари и се вљубуваат во животот…Тема која сигурно ќе го привлече вниманието на публиката…, но за тоа кога филмот ќе биде претставен пред

домашната публика и самата Сара вели дека не е сигурна за точниот датум, но потврдува дека ќе се случи во текот на 2021.

Инаку, во оваа престижна селекција European Shooting Stars, Сара Климоска е избрана заедно со уште девет актерски имиња од Финска, Франција, Германија, Унгарија, Литванија, Ирска, Холандија, Португалија и Шведска. Оваа година 24. издание на European Shooting Stars, ќе се одржи дигитално во период од 23 до 25 февруари, една недела пред 71. издание на Берлинале, додека официјалната церемонија за доделување на наградите за European Shooting Stars ќе се случи во Берлин во јуни 2021, кога ќе се одржува и дел од програмата со проекции на филмовите на фестивалот. Таа вели дека ова ќе биде прва нивна средба.

„Не сум соработувала со никој од овие актери, но сум ги гледала нивните филмски остварувања и навистина се извонредни. На дел од нив сум им фан, се надевам дека во иднина ќе соработуваме. Инаку, изборот се однесуваше на оние актери кои се на возраст до 35 години“, додава Климоска.

Таа исто така додава дека во моментот нема снимања, но дека има најава за нови филмски ангажмани.

„Сепак не би сакала да откријам засега ништо, бидејќи мислам и дека не би смеела, но ќе се слушне кога ќе дојде време“, вели оваа млада актерка која досега има остварено повеќе филмски но и театарски улоги кои беа забележливи.

За последната пак, во  „Лена и Владимир“, од European Film Promotion истакнуваат „Настапот на наградената актерка Сара Климоска од Северна Македонија е откритие во вистинска смисла на зборот, со емотивна длабочина што ги занемарува нејзините години…, одлично прикажано во дебитантскиот филм на Игор Алексов, Лена и Владимир, кој ќе биде објавен оваа година“. (Д.Т.)