Сарач: Или државјанства за иселениците во Туркије или оставка од Спасовски!

493

Огромен број македонски иселеници во Туркије цела година чекаат да добијат македонско државјанство, но сè уште немаат одговор на своите апликации, обвини лидерот на Движењето за национално единство на Турците, Ердоган Сарач. Тој вели дека нашинците масовно почнале да собираат документација во март 2022, охрабрени од донесувањето на Законот за државјанство, кој отвори можност за стекнување државјанство и на нашите иселеници во Туркије иако, како што вели, бил донесен поради мир во куќата на барање од албанската опозиција.

– Овој закон иако наменет за Албанците во земјата, предизвика големо задоволство и кај нашите сонародници, иселеници од Македонија во Туркије. По влегувањето на сила на овој закаон, огромен број иселеници од Македонија во Туркије започнаа постапка за стекнување на државјанство на Македонија согласно со законот. Потрошија многу време и дадоа многу пари за адвокати, нотари, наши институции, матични служби и преведувачи и обезбедија документација согласно на гореспоменатиот закон – истакна Сарач на прес-конференцијата  на која, како што беше најавено, беше изнесен ставот на партијата во врска со непримената на Законот за државјанство во однос на македонските иселеници во Република Туркије и најавите на Владата на Македонија за уставните измени во однос на притисоците од Бугарија.

Тој посочи дека нашинците уште повеќе биле охрабрени по средбата со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој во мај лани бил во Маниса, каде што остварил многу средби со наши здруженија на иселници од Македонија и ги повикал  масовно да аплицираат, ветувајќи им дека брзо ќе постапуваат за издавање на државјанство на Македонија.

– Помина скоро една година од вашата неискрена посета. Нашите иселеници, нашите здруженија отворено се сомневаат во вашата искреност и прашуваат: колкав е бројот на лицата кои аплицирале, колку наши иселеници од Туркије имаат примено македонско државјанство заедно со список на лица кои добиле државјанство по овој закон и уште колку време треба да чекаат за каков било одговор на нивните апликацији во Амбасадата, Генералниот конзулат во Туркије и во одделенијата за внатрешни работи на Македонија – опомени Сарач во име на нашите иселеници од Истанбул, Бурса, Измир, Маниса, Анкара, Ескишехир, Кутахја и наши роднини, пријатели во Туркије.

Тој вели дека интересот е голем, за  што потврдуваат и информациите од Генералниот конзулат во Истанбул дека до крајот на 2023 година, сите закажани термини за апликација за државјанство се пополнети и други термини нема.

Сарач јавно побара од министерот за внатрешни работи, како одговорен функционер, да го почитува законот без селективен пристап, да го одржи дадениот збор и веднаш да излезе во пресрет на барањата, во спротивно побара оставка како чин на одговорност за измама и  неодржување на даден збор.