Сарафов: Пронајденото 45-то тело во автобусот на „Беса транс“ е на дете

123

При денешниот дополнителен увид на автобусот со државјани на Република Северна Македонија што имаше несреќа на автопатот „Струма“ во вторникот, е пронајдено уште едно тело на дете, информира заменик-главниот обвинител и шеф на Националната истражна служба на Бугарија, Борислав Сарафов.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, со ова бројот на жртвите во сообраќајната несреќа на автобусот на „Беса транс“ се искачи на 45.

Претходно, портпаролот на главниот обвинител на Бугарија, Сијка Милева на дописникот на МИА од Софија му потврди дека при дополнителен увид што денеска го извршија истражители од бугарската Национална истражна служба во опожарениот автобус е пронајдено уште едно тело.

Сарафов денеска во изјава БНР потврди дека во понеделниот вечерта во 21.15 часот по бугарско време преку граничниот премин „Капитан Андреево“ од Турција во Бугарија со автобусот на „Беса транс“ влегле 52 лица.

Според Сарафов, од нив 45 загинати биле пронајдени во опожарениот автобусот, а седум повредени биле пренесени во софиската болница „Пирогов“.

Сарафов информира и дека бугарските истражители и обвинител кои допатуваа во земјава ќе останат во Скопје најдоцна до недела.

– Мора да ја донесат документацијата поврзана со автобусот и ДНК профилите на роднините на загинатите. Веднаш потоа ќе започне идентификацијата на жртвите од несреќата, додаде Сарафов.

Тимот од обвинители и истражители од бугарската Национална истражна служба, според најавите, до властите на земјава официјално треба да достават барање за правна помош. Ним ќе им бидат предадени собраните ДНК материјали од роднини на жртвите во автобуската несреќа и по нивното враќање во Бугарија, ќе започне споредувањето и идентификацијата со пронајдените тела на загинатите македонски државјани во автобусот. По завршувањето на оваа постапка ќе следува пренесување на телата во земјава и предавање на нивните роднини.