Сараевската „Црвена јабука“ и со стариот македонски фолк-хит „Ако умрам ил загинам“ ги освои срцата на скопската публика

307

Со два исклучително успешни концерта во нашата метропола!                                      Сè некако беше во знакот на црвената боја. Дури и придушеното црвено светло кога Жера и другарите од бендот тргнаа да ја загреваат публика, па како што поминуваше времето, така и  самиот концерт (првиот на кој присуствуваше весникот ВЕЧЕР)  се претвори во општа журка за танцување и памтење. „Сакајте се, љубете се“, порачуваше од сцената и самиот Жера, фронтменот на групата

Дражен Жериќ-Жера, фронтменот на легендарниот поп-бенд „Црвена јабука“, во јули оваа година ќе наполни 59 години. А, ист е како и на почетокот на музичката кариера. Со истите црвените старки и истата фризура „на јуриш“! И ете веќе речиси 40 години на сцената во истиот филм. Така беше и завчера на двата концерта (во организација на “Авалон продукција“) на „Црвена јабука“, во Скопје, во Македонска филхармонија. Полно, преполно, немаше каде игла да падне, а не некој случајно да фрлеше да речеме, токму црвена јаболка. Впрочем, сè некако беше во знакот на црвената боја. Дури и придушеното црвено светло кога Жера и другарите од бендот тргнаа да ја загреваат публика, па како што поминуваше времето, така и  самиот концерт (првиот на кој присуствуваше весникот ВЕЧЕР)  се претвори во општа журка за танцување и памтење. „Сакајте се, љубете се“, порачуваше од сцената и самиот Жера.

Кулминацијата на емоциите се случи во оние мигови кога „Црвена јабука“ на течен македонски јазик ги испеа на свој начин големите македонски евергрини, фолк-хитот “Ако умрам ил’ загинам“ од репертоарот на Јонче Христовски и “Тамо гдје вечно сунце сја, тамо је Македонија“ од репертоарот на рокерот Дадо Топиќ. За песната “Ако умрам ил’ загинам“ успеавме по концертот, кога поразговараме со Жера, да дознаеме дека оваа убава стара македонска народна песна е прекрасно прифатена од публиката каде и да ја пеат. И во Загреб, во Белград, Сараево, Љубљана, Сплит, Задар, Будва, Мостар…. сите со него ја пеат токму така течно и без грешка, на македонски!

Распеаниот Жера не го заборави ниту својот сараевски пријател, легендарниот Кемал Монтено, кого нагалено го ословуваше со прекарот „Кемица“, а публиката ја потсети и на пријателот и одличниот колега Даворин Поповиќ од групата „Индекси“. Ја испеа добро познатата „Бацила је све низ ријеку“, песна која се најде на албумот на групата пред почетокот на граѓанската војна во Босна, поради која Дражен Жериќ беше присилен да го напушти своето Сараево и да замине во Загреб, каде и денес се наоѓа.

Целиот концерт беше исполнет со огромна позитивна енергија која Жера им ја пренесе на присутните, а тие знаеја да му возвратат пеејќи ги со него сите хитови на „Црвена јабука“ од збор до збор: „То ми ради“, „Туга, ти и ја“ „Некако с’ прољеќа“, “Волио бих да си ту“, “Са твојих усана“….

Сепак, делириумот се случи, како што се очекуваше, на нивниот мегахит „Бјежи кишо с’ прозора“. Не постои таков кој не ја знае оваа песна која е инаку, една од оние 100 песни кои неодамна официјално се означени како најслушани во историјата на некогашната југословенска забавна музика, заедно со: „Додирни ми колена“ („Зана“), „Звиждук у осам“ (Ѓорѓе Марјановиќ), „Еден бакнеж“ (Нина Спирова), “Пријатељи стари гдје сте“ (Тереза), „Кап весеља“ (Лола Новаковиќ), „Зора је сванула“ (Неда Украден), “Април у Београду“ (Здравко Чолиќ), „Земљо моја“ (Исмета и “Амбасадори“), „Скалинада“(Оливер Драгојевиќ)…..

Колку и да се танцуваше во ритамот на омилените песни, концертот ја задржа онаа препознатлива нежна носталгично-романтична нота по која публиката секогаш копнее, без разлика што на светската музичка сцена се актуелни некои сосема други музички звуци. Жера, и од таа причина, заедно со своите од групата одвај успеа да ја напушти сцената. Публиката ги побара на бис, по што „Црвена јабука“ исполни уште неколку хит-песни, за убав спомен и со желба повторно да ни дојдат во Македонија.

Текст и фото – Дуле Миќиќ