Сараево: Почна самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа

Состанокот му претходи на Самитот на ниво на претседатели, закажан за 9 јули на Јахорина, со кој ќе биде завршено претседавањето на Босна и Херцеговина со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.-На претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој ќе учествува на овој настан, ова ќе му биде прва официјална посета на БиХ

167

Во Сараево денес започна состанокот на министрите за надворешни работи на земјите учесници во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP), кој се одржува во склоп на претседавањето на Босна и Херцеговина со таа регионална иницијатива.

На самитот присуствуваат министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Игор Црнадак, министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, и високи делегации на земјите учесници во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP): Северна Македонија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Грција, Бугарија, Романија и Молдавија.

На состанокот присуствуваат и претставници на Европската Унија (ЕУ) и Советот за регионална соработка (RCC), а своето доаѓање во БиХ го откажаа делегациите на Косово и Албанија.

Учесниците ќе разговараат за актуелниот тренд на интеграции во ЕУ, за активностите за поврзување во регионот на SEECP и пошироко, како и за предусловите за одржлив развој и регионалните и европските интеграциски процеси.

Состанокот му претходи на Самитот на ниво на претседатели, закажан за 9 јули на Јахорина, со кој ќе биде завршено претседавањето на Босна и Херцеговина со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, под мотото „Подобра поврзаност за подобар живот“. На претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој ќе учествува на овој настан, ова ќе му биде прва официјална посета на БиХ.

На утринската средба претходеше вечера за добре дојде, која синоќа во источниот дел на Сараево ја организираше министерот за надворешни работи на БиХ, Игор Црнадак.

Регионалната иницијатива „Процес за соработка во Југоисточна Европа“ (SEECP) започна во 1996 година во Софија, со цел зајакнување на регионалната соработка, безбедност и стабилност.