Санкционирани 155 непрописно паркирани возила во Центар

25

Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ и Општина Центар во соработка со сообраќајната полиција минатата недела санкционирале 155 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

Како што информираат од ЈП ПОЦ, во периодот од 26.07. до 01.08.2021 година, со помош на специјалните возила „пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 88 непрописно паркирани возила, а со поставување на „блокатор“ санкционирани се 67 возила кои биле затекнати во резидентни зони, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани.

Од ЈП ПОЦ и Општина Центар велат дека континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка за да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици.