Жално е да се посведочи тоа што старите занаети изумираат, но од друга страна ми причинува посебно задоволство што кај овие луѓе моето присуство влева oптимизам и надеж, како и елан за докажување, вели Сандра Шаровиќ Атанасовска, дизајнер и претпримач на брендот „Call me Margot”

Од Скопје во Белград Сандра Шаровиќ Атанасовска замина пред пет години како маркетинг- експерт за креирање промотивни производи и услуги, а од минатата година е автор, дизајнер и претпримач на брендот „Call me Margot”.  Создава специфични обувки – кломпи од дрво и кожа, вистинско уметничко дело, наменети за самоуверени жени кои знаат да ги носат. И воопшто не нè изненади тоа дека  уметноста ѝ е преокупација на Сандра, зашто мајка и Лилјана не само што е почитувач и познавач на уметноста, таа е извонредно талентирана сликарка, а помалата сестра, Сташа е дизајнерка на линијата модерни маица познати како „шизик на ризик”.

Сандра сега создава во Белград. Ја испрати „Маргот” од една занаетчиска работилница во Србија, која е полна со животни приказни, во Хрватска, Германија и во САД. И храбрите и самосвесни жени веднаш ја засакаа. И разбирливо е зошто материјалите се природни, внимателно избрани, а дизајнот е оригинален што ги прави безвременски парчиња, а „Маргот” антипод на модерното живеење.

Call me Margot e колекција на извонредно интересни модерни дрвени кломпи кон кои естетите секако нема да бидат рамнодушни. Зошто  кломпите станаа Ваш интерес?

– Не биле отсекогаш, морам да признаам. Ме воодушевувале луѓе во кломпи, еднакво жени колку и мажи, но не сум се чувствувала доволно комотно и храбро да ги имам во својот гардеробер. Како на лично ниво така и естетски и визуелно сум го барала својот автентичен израз и тоа често било талкање помеѓу актуелни трендови и комбинација на различни стилови. Сега, од оваа перспектива и со актуелното животно искуство, можам да кажам дека сум подготвена со целосна самодоверба да се препуштам на она што ми е навистина битно во модата, а тоа е комфорот и слободата да бидам она што навистина сум. Тоа чувство совршено ми го надополнуваат кломпите.

Која е твојата животна приказна што те доведе до оваа точка – креатор на кломпи?

-Јас сум креатор во големата слика, но мојот предмет на интерес се менува, се надополнува и надградува. Најголем предизвик ми е да створам нешто од ништо, поточно само од идеја во главата да направам реализација до финален производ, да ја раскажам приказна за него и да му вдахнам живот. Сторителинг, имиџ брендинг и маркетинг се моите вештини кои во различни периоди во животот се канализирале преку различни форми.

Кломпите се изработуваат во Србија. Зошто токму таму?

-Живеам во Белград со семејството речиси веќе пет години. Оттаму и одлуката оваа  претприемачка авантура да ја започнам и да ја водам оттука. Но Србија е само седиштето на Call me Margot. Tука успеав да најдам соодветни луѓе, мајстори на својот занает, со кои го реализирам производствениот процес, целосно рачно, користејќи исклучиво природна кожа и дрво. Жално е да се посведочи тоа што старите занаети, како и секаде во светот полека изумираат, но од друга страна ми причинува посебно задоволство што кај овие луѓе моето присуство влева oптимизам и надеж, како и елан за докажување.

Имајќи предвид дека модата е постојан круг, односно повторување и надградба, сметаш ли дека доаѓа времето на овој вид обувки?

-Кломпите никогаш нема да бидат масовен тренд. Големи брендови како „Диор“ и H&M ги враќаат делумно во своите колекции но тие се минливи, а целната група ограничена. Кломпите се култ и или си следбеник или едноставно немаш никаков интерес за нив. Кломпите апсолутно не треба да бидат за сите, зошто рачно изработените производи немаат капацитет за масовност. Треба да си се држат до својата верна публика која се зголемува постепено за мал процент индивидуи кои меѓусебно делат слични интереси и вредности.

Кому се тие наменети, за каков тип девојки, жени?

-За луѓе растоварени од општествени норми. За слободоумни, свои и автентични ликови кои немаат потреба да се вклопат во општо прифатените трендови. Тоа се самоуверени жени. Стилот за нив е став кој го градат на илјадници други начини… преку литература, филм, музика, образование… Марго е фиктивниот лик кој ги сублимира сите овие особини.

Дали и колку ова време е поволно за индивудалците-креативци, можат ли да опстојат на пазарот на униформност и сериско произвоство?

-Сè поповолни ветрови дуваат во корист на независните креативци и дизајнери. Свеста на добар дел од светската популација се буди и се бараат алтернативи за крајно консумеристичките и комерцијални концепти. Најголемиот предизвик за креативците со свој производ или услуга е да допрат до целната публика која преку онлајн светот им е достапна само доколку имаат добро осмислена комуникациска стратегија. Овие специфични плодови на креативноста бараат да се раскаже приказната зад нив. Приказната е таа која најбрзо патува, најдобро се разбира и креира сентиментална врска со крајниот корисник.

Лилјана Грџо Дамовска