Поранешниот селектор на македонската ракометна репрезентација и трнер на Металург, Лино Червар, ја коментира состојбата во македонскиот ракомет и истакна дека големото инвестирање во Вардар и неработење со младинските категории, била погрешна тактика која сега излага на површина

-Кога бев во Македонија постоеја две страни. Мојата беше да се потпираме на деца, на наши играчи, од кои ќе создаваме и играчи и здрави личности. И постоеше онаа вардарова струја. Дојде богат Русин, купи сè што може да се купи и ја освои Лигата на шампионите. Но, што му остави на македонскиот ракомет? Ништо, една голема „нула“. Таква стратегија носи краткотрајни задоволства, која не дава иднина. Нашиот пат мора да е поинаков, изјави Червар за „Индекс“.

Тој го пофали концептот на селекторот Кирил Лазаров и форсирањето на млади ракометари, некои и без суперлигашко искуство.

-Мораме да бидеме објективни, македонската репрезентација минува низ промени, се случува смена на генерации. Тимот го предводи Кире Лазаров, најголема легенда во државата, човек што го сакам и го почитувам. Сите мора да го следат неговиот пример, блазе си им на оние што ќе имаат можност да работат со него. Тој е вистински идол, пример како еден спортист треба да игра на терен и да се однесува надвор од него. Иако рано влезе во тренерски води, мислам дека има голем квалитет и тоа ќе го покаже, рече Червар.

Како селектор на Македонија, Лино Червар го водеше нашиот национален тим на Светското првенство во Франција 2017 година.