Само 19 лица досега се пријавиле за гласање од самоизолација

268

Само 19 од околу 5.000 лица, кои се наоѓаат во самоизолација во земјава се пријавиле да гласаат во понеделник, ден кој што е резервиран за гласање за оние кои се во изолација, покажуваат податоците на Државниот здравствен инспекторат.

Рокот за пријавување истекува утре на полноќ, но имајќи предвид дека во досегашниот период се пријавиле само 19 лица, не се очекува овој број да се зголеми. Од 19 лица само 4 се од главниот град, а другите градови имаат по еден до двајца гласачи.

Сите оние кои ќе добијат решенија за изолација по овој рок, односно од утре, нема да можат да го искористат своето гласачко право.

За лицата во изолација е издвоен еден цел изборен ден во понеделник на 13 јули. Лицата кои ќе се пријават за гласање, а се во самоизолација ќе бидат посетени во своите домови од посебни избирачки одбори, составени од по тројца здравствени работници и претставници на партиите. Тие со скафандери, заштитни маски и средства за дезинфекција ќе одат во домовите на пријавените гласачи за да тие го остварат своето гласачко право. Покрај избрирачките одбори и гласачите ќе треба да носат заштитна опрема, при што на неколку секунди ќе ја извадат заштитната маска за да бидат идентификувани.

На 14 јули ќе гласаат болните и изнемоштените лица како и лицата во затвор и домашен притвор.

Првиот човек на Државната изборна комисија Оливер Дерковски за емисијата 360 степени на Алсат М, вели дека ДИК ги презела сите потребни мерки за зголемување на пристапноста на избирачките места на лицата со попреченост кои што во изминатиот период се жалеле за ова.

На 15 јули, среда, ќе гласаат сите останати гласачи од избирачкиот список. За нив гласањето ќе започне во 7 часот а ќе заврши во 21 часот.