Гордон Хејворд со години беше еден од најконзистентните играчи во НБА лигата. Иако никогаш не го достигна нивото на голема ѕвезда, тој одигра седум сезони за Јута, а дури во последната успеа да дојде до настап на Ол-стар натпревар, пред да се пресели во редовите на Бостон.

Тогаш, 27-годишниот Хејворд се сметаше за екстра засилување за „детелините“, со кого сметаа дека лесно ќе ја нападнат титулата. Од неколкуте звучни имиња од НБА драфтот, како потписот на неколку добри кошаркари, се чинеше дека тимот на Бостон направи тим за кој долго ќе се зборува. Сепак, се мина сосема спротивно.

Во првиот натпревар за Бостон, Хејворд одигра пет минути, постигна два поени, а потоа ја скрши ногата. Сите играчи на теренот во тие моменти се фатија за глава. Тоа беше најгрдата повреда во сезоната, поради која Хејворд мораше да паузира една година. Откако се врати на теренот, минатата сезона, не личеше на себе, бележеше само по 11 поени по натпревар. Но, ветуваше враќање како во старите добри денови. Оваа сезона ја започна одлично, бележеше во просек по 20 поени по натпревар, но дојде и новиот малер. Тој ја скрши раката по 15 минути игра против Сан Антонио Спарс. Колку време ќе биде надвор од теренот сè уште не е познато, а најверојатно ќе мора да замине на операција.

Резултати: Минесота – Денвер 98:100, Орландо – Индијана 102:114, Оклахома – Милвоки 119:112, Њујорк – Кливленд 89:108, Феникс – Бруклин 138:112, Порлтанд – Атланта 124:113 (по прод.), ЛА Лејкерс – Торонто 104:113.