Само Македонија има 500.000 фудбалски „експерти“  

1059

Изминатите неколку денa, а тоа уште трае, сум мета на најразлични критики и навреди поради мојот избор, како уредник на Спортската рубрика во весникот ВЕЧЕР и порталот вечер.прес, околу најважната индивидуална награда во фудбалскиот свет – „Златна топка“ на „Франс фудбал“. Да, има критики, кои се конструктивни и без никаква доза на навреда од моите колеги, спортски новинари. Но тоа што го пишуваат „фудбалските фанови“ во нашата земја, за мене, мојата фамилија и професија, ги помина сите граници. Истите тие се „напалени“ поради текстовите кои се објавени на неколку портали. Тие кои си ја знаат работата, ја пренеле информацијата како што треба, без личен став, без коментари, само дека сум гласал и кому сум ги дал бодовите. Како што треба, истите тие реагираа на сите погрдни коментари кои беа пишани на нивните фан-страници кои ги имаат на социјалните мрежи. Со право потенцираа дека можеби и ним не им се допаѓа поделбата на бодовите, но потенцираа дека никој нема право да го навредува новинарот. Проблем направија неколку портали, со пристрасните текстови. Се дрзнаа да пишат дека сум бил некаков „експерт“, дека „Франс фудбал“ мора да реагира, да ги промени тие новинари кои не гласале по нивни ќеф, дека верувале или не, „некој си ВЕЧЕР“ го имал тоа ексклузивно право да гласа!

Мили мои, тој ВЕЧЕР е светски познат бренд, весник кој пред неколку дена го прослави својот, верувале или не, 58-ми роденден, медиум во кого работат повеќе од 30 новинари, дипломирани, на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, не завршиле некаков вечерен курс по новинарство, па мора после да се кријат зад тастатурите. Во весникот ВЕЧЕР и на порталот вечер.прес има професионален тим. Затоа весникот ВЕЧЕР гласа повеќе од 30 години за „Златна топка“, нашиот збор тежи, нашиот образ е чист, никому не должиме иако сме биле и на врвот, но и на дното, сме имале и 100.000 тираж, но и десет пати помалку. И мојот збор тежи, јас 16 години сум дел од весникот ВЕЧЕР, десет години гласам за „Златна топка“, моето име е во импресумот, што значи дека од никого не се кријам ниту имам зошто тоа да го правам.

Мене на факултет ме учеа дека секогаш треба да се прашаат двете страни, да се земе изјава. Јас сум достапен 24/7, моите профили на социјалните мрежи се отворени, достапни за секого. Можевте слободно да ми пишете, да ми се јавите, ќе ви кажев зошто така сум гласал. Ме нападнавте за Левандовски како да сум ви го убил најмилото. Пискотници се слушаат од Галичник до Река за фудбалерот на Баерн (М). Испаѓа, нормално според тие „фудбалски фанови“ дека јас сум виновен за второто место, иако Левандовски освои 33 гласа помалку од Меси. Ќе ги сфатев крокодилските солзи ако имаше некој Македонец, Пандев, Елмас или Барди, па не сум гласал за него, ама толкава љубов за Левандовски, не е видена ниту во Полска.

Бидејќи се чувствувам повикан, еве образложение за распоредот на моите гласови.

Шест бода му дадов на Жоржињо, затоа што одличниот играч за врска со лондонскиот премиерлигаш Челзи го освои трофејот во Лигата на шампиони, а со репрезентацијата на Италија го освои пехарот на ЕП 2020. Жоржињо одигра без грешка, го реализираше клучниот пенал во полуфиналето против Шпанија, но и го промаши пеналот во финалето против Англија.

Четири бода му дадов на Кевин де Бруин, кој со тимот на Манчестер Сити ја освои шампионската титула во Премиер лигата, го освои пехарот во англискиот Лига Куп, играше во 1/4 финалната рунда од ЕП 2020, беше дел од завршниот турнир во Лигата на нации, играше во финалниот натпревар од Лигата на шампиони и беше прогласен за најдобар фудбалер од Асоцијацијата на професионални фудбалери. Репрезентативецот на Белгија секоја втора недела игра дерби натпревар против Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Челзи, Тотенхем, Арсенал… Треба да излезе како победник во дуелите против Погба, Канте, Алкантара, Фабињо, Мегавер, Ван Дајк и треба да му даде гол на Едерсон, Де Хеа, Алисон, Лорис… Де Бруин се докажа и во Бундес лигата, но дуелите против Аугсбург, Арминија Билефелд, Унион Берлин, Фрајбург не се предизвик за него.

Три бода доби Лионел Меси, кој го освои пехарот на Копа Америка, натпреварувањето на кои играат Бразил, Чиле, Уругвај, Колумбија… сигурно сте слушнале?! И покрај сите проблеми, Барселона го освои пехарот во Купот на Шпанија, а педантните колеги од „Франс фудбал“ открија дека од 16 категории, Аргентинецот има во 14 подобра статистика од Левандовски. Меси има повеќе асистенции, креирани шанси, победнички погодоци и асистенции, играч на натпреварот… Левандовски има постигнато само повеќе погодоци, дека Бензема има одиграно повеќе натпревари. Ама што знам јас, што знаат колегите новинари, вие 500.000 фудбалски стручњаци во Македонија сè знаете!

Два бода доби Ерлинг Халанд кој на 51 натпревар за Борусија од Дортмунд има постигнато 51 погодок, а има само 21 година и го освои Купот на Германија.  Норвешкиот интернационалец ќе биде купен за време на летниот преоден рок и тоа за рекордна сума, ќе си замине од Германија, затоа што сака да биде прв во град, а не прв во село. Халанд не сака 12 години да игра во иста лига, сака да игра во Англија, каде што се најдобрите или во Шпанија од каде е најтрофејниот клуб во Лигата на шампиони.

Ме нападнаа и зошто сум му дал еден бод на Симон Кјаер. Заборавите ли дека Кјаер го спаси репрезентативниот колега Кристијан Ериксен кој доживеа срцев удар на натпреварот од ЕП 2020 против селекцијата на Финска. Кјаер му го извади јазикот и му го спаси животот на Ериксен. Данецот покажа како е да се биде човек, дека и фудбалерите имаат срце, дека не мислат 24/7 само на парите. Ако не, што чекате, веднаш да го нападнете и легендарниот Дидие Дрогба кој за време на доделувањето на „Златната топка“ побара од присутните да дадат еден громогласен аплауз за Кјаер и додаде дека сите херои не носат наметка.

Јас можам да сфатам, и јас сум фан, дека пристрасноста е во прв план кога е во прашање најважната споредна работа, но не можам да сфатам како може само да се плука тоа што е домашно, што е од Македонија, а да се брани туѓото. Наместо да имате барем мала доза на среќа, да сте горди што има македонски новинар кој гласа за најважната индивидуална награда во фудбалскиот свет, што некој ја ставил Македонија на фудбалската мапа, вие удривте по мене, без да прашате зошто сум гласал така. Колегата од Португалија, Хоаким Рита не даде поддршка за Кристијано Роналдо, пред својот сонародник ги стави Канте, Левандовски, Мбапе, Жоржињо и Салах. Можам само да ве замислам, како зад тастатурата ќе го нападневте Рита да сте од Португалија.

За крај, весникот ВЕЧЕР и следната година пак ќе гласа, пак ќе биде дел од специјалното жири, повторно повеќе ќе го ценат во странство, отколку дома, а за тие кои ја “набуцкаа целата работа имам порака, ќе го решиме ова преку официјални канали, има Здружение на новинари, има Совет на етика, има суд… Вие и понатаму кубете коси и ронете крокодилски солзи за Левандовски, можеби ќе ви испрати дел од неговата годишна плата од 20 мил. евра 🙂

Марио СОТИРОВСКИ