Ова е година во која „главниот збор“ го има коронавирусот, но и година во која тројца македонски кајакари се во ТОП5 на Европа. Покрај тоа што не зафати здравствената пандемија, сепак, македонските кајакари успешно се претставија во дисциплината спуст.

Се започна со одржување на изборни натпревари за состав на репрезентација во спуст во месец февруари и март со одржување на шест натпревари, подоцна во месец август и октомври, кога се одржаа првото и второто коло од Европските купови, како и државното првенство во август.

  • За преостанатите два натпревари од Европските купови се разгледува и се следи секојдневната ситуација на пандемијата ковид-19 во Македонија и Босна и Херцеговина каде треба да се оджат последните два натпревари, а највероватно истите нема да се одржат доколку продолжи овој тренд на зголемување на заразени лица, информира најдобриот македонски кајакар Љубомир Спасиќ.

Минатогодишниот освојувач на европскиот куп во генерален пласман, Љубомир Спасиќ, го потврди својот репрезентативен статус со пет први места и едно второ место со што обезбеди учество на овогодинешните европски купови каде моментално е пласиран на четвртото место во генерален пласман од 102 кајакари. Тој годинава е и државен првак во спринт и класик настапите на 300метри и 5километри.

  • Доколку се одржат останатите два натпревари, очекувам да ја одбранам титулата во Европскиот куп, а во најлоша варијанта е пласман на второто место. Најважно од се е дека изминатите години бев единствениот Македонец во оваа дисциплина, која сега истата ја промовирам кај младите. Минатата година Александар Златаров заврши како четврти, додека годинава го имаме Енис Небиовски, кој моментално е петто рангиран и полека се комплетира програмот за развој на кајакарскиот спорт во Македонија, особено во дисциплината спуст, изјави Спасиќ за дневниот весник ВЕЧЕР.

Од друга страна, Александар Златаров годината ја започна со едно прво место, три втори и две трети места со што избори место во репрезентацијата на Македонија а со тоа и учество на европските купови и европското младиснко првенство. Тој моментално е трето пласиран во генерален пласман на европската ранг-листа, додека на државното првенство заврши на третото место во спринт и класик.

Енис Небиовски, пак, со настапите на изборните натпревари и со пласманите на две втори и четири трети места успешно ја започна сезоната со обезбедување на репрезентативен статус и учество на европските купови и европското младиснко првенство, за да продолжи со пласман на петото место на европската ранг-листа во генерален пласман и второ место на државното првенство во спринт и класик.

Репрезентативците се во исчекување се до донесување на конечната одлука од страна на европската асоцијација за одржувањето или откажување на преостанатите натпревари.

Доколку се одржат останатите натпревари од европските купови македонските кајакари имаат реални шанси да се најдат на првите три позиции и со тоа повторно да го потврдат минатогодишниот успех каде Спасиќ беше освојувач, а Златаров заврши на четвртото место на европскиот куп.