Само за ЈУГОносталгичари: Денеска се славеше 25 Мај, Ден на младоста!

236

Во некогашната СФРЈ (Социјалистичка Федеративна Република Југославија) на денешниот ден 25 мај се славеше роденденот на Јосип Броз Тито, или популано наречен Ден на младоста. Иако тој е роден на 7 мај, Југословените веруваа дека роденденот на Тито е на 25 мај. До недоразбирањето дошло, како што тогаш беше објаснето, бидејќи Броз како млад комунист за време на Втората светска војна користел лажни документи.

Овој празник денеска скромно се одбележува во некои од поранешните југословенски републики.

Главното обележје на овој ден беше Штафетата на младоста. Додека месец и половина претходно низ целата земја патуваа штафети, поминувајќи низ секој град од Триглав до Гевгелија, на денешен ден главната штафета му се предаваше на Тито, со спектакуларен слет во Белград. Последната ваква штафета „патуваше“ во далечната 1987 година, седум години по смртта на Тито. Наредната година, беше укината оваа некогаш популарна манифестација. Голем број од штафетите денес се чуваат во Куќата на цвеќето, Титовиот мавзолеј во Белград.

Овој ден беше неработен ден и општ национален празник на тогашна Југославија.

Медиумите од регионот пак, денеска го одбележаа денот и со снимки од сеќавањата, но и од животот во државата што веќе не постои.

И денеска некои се сеќаваат на тие убави времиња, особено оние кои со носталгија гледаат на животот во Југославија.

Погледнете дел од тогашната атмосфера во видеото: