Само една ситуација може да го „скрши“ Ливерпул

149

Актуелниот европски клупски шампион, тимот на Ливерпул, со 3:1 ја доби дерби пресметката против екипата на Манчестер Сити и на тој начин го направи можеби најважниот чекор кога е во прашање шампионската титула во англиската Премиер лига.

„Црвените“ до посакуваните три бода дојдоа со погодоците на Фабињо (6 минута), Мохамед Салах (13) и на Саидо Мане (50), додека почесниот погодок за „граѓаните“, постигнат во 77 минута беше дело на португалскиот интернационалец Бернардо Силва.

Си триумфот на „Енфилд“, четата на Јурген Клоп, побегна на првенствената табела, на која има дури девет бода повеќе во споредба со актуелниот шампион. За тоа каква е моменталната ситуација во Премиер лигата, свое мислење даде и контроверзниот португалски стручњак Жозе Мурињо кој е убеден дека само во една ситуација Ливерпул нема да биде шампион.

  • Гвардиола и Манчестер Сити сигурно веруваат дека ништо не е готово кога е во прашање трката за шампионската титула. Сепак, тие се внатре, и го гледаат начинот со кој можат да ја одбранат шампионската титула. Сепак јас, од тука, од студиото, мислам дека се е готово. Се е готово, освен ако не се случи некаква драматична ситуација со некаква сериозна повреда. Само така може да се скрши Ливерпул. Тоа е факт, само една работа може да го скрши Ливерпул, а тоа се евентуалните повреди, изјави португалскиот стручњак.

За разлика од Јурген Клоп, кој од почетокот на сезоната нема некој посериозен проблем кога се во прашање повредите, освен таа на првиот голман Алисон Бекер, менаџер на Сити, Пеп Гвардиола, речиси на секој натпревар има сериозен проблем кога е во прашање почетниот состав. Дуелот на „Енфилд“ поради повреда мораа да го прескокнат Едерсон, Емерик Лапорте, Лерој Сане и Окелсандр Зиченко.