Само во Италија има расизам на трибините

47

Контроверзниот напаѓач, Марио Балотели, со погодок ја започна новата авантура во дресот на францускиот гигант Олимпик од Марсеј. Иако има само 28 години, фудбалските фанови имаат впечаток дека Супер Марио веќе две децении е дел од најважната споредна работа на денешницата.

Во последното интервју Балотели откри што мисли за расистичкото однесување на фановите во Серија А.

  • Секаде сум играл, но само во Италија имав проблем со расизмот. Бууу, честопати одекнуваше на трибините. Само во Италија има толкав голем степен на расизам на трибините. Ќе ни треба многу време, но јас сум убеден дека на крајот ќе победиме во борбата против расизмот, изјави Балотели кој пред неколку години почна да плаче на резервната клупа на Милан поради расистичките навреди од страна на фановите на Наполи.

На одиграните 350 натпревари, Балотели има постигнато 139 погодоци, а освен тој на Марсеј, го има носено и дресот на Интер, Милан, Манчестер Сити, Ливерпул и на Ница.

И покрај одличните партии кои ги бележи во последниот период, Балотели не доби покана од селекторот Роберто Манчини повторно да заигра за репрезентацијата на Италија.

  • Манчини е тренер која најдобро ме познава. Сепак, нема тука фаворизирање. Сакам да постигнам што е можно повеќе погодоци и на тој начин да го заслужам повикот во репрезентацијата, додаде Балотели.