Животот на една самохрана мајка од населбата Драчево се смени благодарение на волонтерите на Црвениот крст. Таа со своите две иполгодишни близначки живееше во супстандардни услови. Но, благодарение на проектот „Шут кон подобар живот“, што се реализира во рамките на програмата на Црвениот крст „Промоција на хумани вредности“, младите волонтери на Црвениот крст презедоа низа активности за да им помогнат за мајката со децата сега живеат подобро. Со собраните 15.636 денари купиле работи што мајката ги побарала: шпорет, телевизор, хранилка за деца и детски наддушек. Освен тоа, волонтерите успеале да соберат и донации: детски играчки, облека за децата, храна и средства за хигиена

 

 

Животот на една самохрана мајка од населбата Драчево се смени благодарение на волонтерите на Црвениот крст. Таа со своите две иполгодишни близначки живееше во супстандардни услови. Но, благодарение на проектот „Шут кон подобар живот“, што се реализира во рамките на програмата на Црвениот крст „Промоција на хумани вредности“, младите волонтери на Црвениот крст презедоа низа активности за да им помогнат за мајката со децата сега живеат подобро.

Александра Ристовски, самостоен стручен соработник во Црвениот крст на Град Скопје, за весникот ВЕЧЕР вели дека младите волонтери одржале креативна работилница за дизајнирање.

– Изработија постери и влезници за хуманитарен фудбалски натпревар. Освен тоа, имаа продажен штанд на кој организираа и продажба на слатки – вели Ристовски.

Преку организираните активности успеале да соберат 15.636 денари со кои купиле работи што мајката ги побарала: шпорет, телевизор, хранилка за деца и детски наддушек. Освен тоа, волонтерите успеале да соберат и донации: детски играчки, облека за децата, храна и средства за хигиена.

– На тој начин животот на самохраната мајка ѝ беше олеснет, бидејќи дотогаш немала шпорет да им готви на децата – вели Ристовски.

Во рамки на проектите преку програмата „Промоција за хумани вредности“, Црвениот крст на Град Скопје настојува да ја смени дневната рутина на младите волонтери, односно тие да прават корисни работи за себе и за заедницата. Ристовски додава дека преку оваа програма, тие се охрабруваат да истражуваат за проблемите што ја мачат заедницата, да работат во тим и да учат за сопствената и за туѓата култура, бидејќи често пати работат во мешан етнички состав.

Програмата „Промоција на хумани вредности“ веќе 25 години се имплементира во Црвениот крст низ државата и во тие рамки годинава се обучени 1.100 младинци од целата држава. Обуките се спроведени од 40 дисеминатори кои работеа со своите групи, ги поттикнуваа и охрабруваа младите да не се откажат. Овие дисеминатори имаа деветмина ментори, кои ги водеа низ целиот процес.

– Темата на проектите е „Промоција на различности“, која се дели на „Акција во заедница“ и „Интеркултурна акција“. Во „Акција во заедница“, младите прават проекти од типот: поддршка на социјално загрозените лица, поддршка на институциите, еколошки проекти и помош на бездомните животни. А во „Интеркултурна акција“ ги работат проектите за промоција на мирот, толеранцијата и меѓусебното разбирање на младите од различни етнички групи. Обуките траеја еден месец, а времето на изработката на проектите беше два и пол месеци – објасни Ристовски.

Таа информираше дека се изработени 151 проект, од кои 27 се со сонце, што значи трајно сменет живот на корисниците што се избрани.

(А.П.)