Самостојна изложба „ШкрабАрт” на Гоце Божурски во Тетово

196

„ШкрабАрт” е насловена самостојната изложба на Гоце Божурски со која се претставува пред публиката во Тетово. Четириесетина сликарски дела на авторот се изложени од вечерва во Уметничката Галерија во Тетово. Делата ќе може да се погледнат во текот на оваа недела.

Сите слики се поставени и во пригодна брошура која посетителите имаа можност да ја добијат, а воедно да ги прочитаат големиот број поговорни реченици за делата на Божурски.

Мина Палаи (од Пиза, Италија) за Божурски вели дека е уметник од висок ранг кој тешко може да се класифицира во рамките на вообичаените шеми, а Владимир Величковски ја одбележува „поетиката на просторот”, додека познатиот ликовен критичар Никола Кусовац (од Белград) смета дека делата се стилски беспрекорно вообликувана целина на еден вид „носталгичен реализам”.

Според Петар Петровиќ (критичар од Белград) по определба Божурски е реалист, згора на тоа и изразит натуралист, но во позадината на сето тоа се крие чувствителна природа на интимист, а Војислав Вујановиќ (критичар од Сараево) вели дека изведбата на делата импресионира, но оформената минуциозност треба да се набљудува во функција на нагласување на духовно/исконскиот аспект, се наведува во брошурата.

Главниот рецензент Миџаит Положани истакнува дека Божурски е култивиран уметник и поетичен лирист чиј ликовен јазик истовремено е хиперреалистичен, асоцијативен, апстрактен и концептуалистички. За Ефтим Клетников уметноста на Божурски е толку многу „лирска” и есенцијалистичка, апсолутно блиска до поезијата, а за Љубен Пауновски деликатноста на мајсторијата лежи во привидот на едноставноста.

Божурски е роден 1958 година во Куамново, а дипломирал историја на уметност во Скопје во 1984. Од 1983 има настапувано на 40-ина изложби и е добитник на десетина награди.