Самит Западен Балкан и ЕУ: Заедничко справување со последиците од енергетската криза

30

Премиерот Димитар Ковачевски денеска учествуваше на првата панел дискусија на Самитот Западен Балкан -Европска Унија во Тирана, посветена на енергетската криза и пакетот за енергетска поддршка со кој треба да се обезбеди енергетска стабилност на Западен Балкан, но и воопшто на целиот европски континент.

Од страна на сите учесници во дискусијата беше потенцирано дека енергетската стабилност на Западен Балкан е подеднакво важна како и енергетската стабилност на Европската унија.

Лидерите истакнаа дека сите заедно работат на надминување на предизвиците од енергетската криза и оти ЕУ ќе биде заедно со земјите од Западен Балкан при решавање на сите проблеми поврзани со енергетската криза.

-Република Северна Македонија изминатиот период успешно се справува со енергетската криза и обезбедува енергетска стабилност на земјата, за што се ставени во целосна функција сите расположливи капацитети за производство на струја, оценуваат од Владата и потсетуваат дека државава исто така спроведува повеќегодишна Стратегија за зелена транзиција, со што инвестира во капацитети за производство на струја од обновливи извори на енергија и долг план обезбедува енергетска независност на земјата.

Ковачевски на Самитот во Тирана ќе учествува и на панел дискусија за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, обезбедувањето демократија, мир и слобода.