Самитот ЕУ-Кина утре под знакот на војната во Украина

27

Челниците на ЕУ и на Кина утре ќе го одржат 23-от самит ЕУ-Кина, на дневен ред се билатералните односи, но од Пекинг се очекува “да влијае врз Русија“ за прекин на огнот во Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Кина за сега држи неутрална позиција во однос на Русија од почетокот на војната во Украина, но темата неизбежно ќе биде главна на утрешниот лидерски самит со ЕУ.

ЕУ ќе ја застапуваат претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. Самитот е поделен на две сесии, првата со кинескиот премиер, Ли Кечианг, втората со претседателот Зи Џинпинг, со кого и најинтензивно ќе се разговара за односите со Русија и за Украина.

Од страна на ЕУ веќе предупредуваат дека ова нема да биде “рутински самит“, иако односите помеѓу ЕУ и Пекинг веќе подолго време се под тензија, пред сѐ поради договорот за инвестиции кој не напредува поради суштински несогласувања помеѓу двете страни. Кина исто така има санкции против неколку европратеници, и билатерален конфликт со некои земји членки како Литванија, поради спорот околу Тајван.

-Ова нема да биде нормален самит со продлабочен заеднички заклучок, нема да има заеднички заклучок, нема да има пакет на мерки, тоа не значи дека не сакаме да работиме со Кина, но ова е одраз на самитот не е рутински, сакаме Кина да го искористи својот подем како глобална сила за да го одбрани меѓународниот поредок базиран на правила, брифираа попладнево високи дипломатски извори во ЕУ советот.

Европската Унија вели дека е свесна дека Кина игра “рамнотежа„ помеѓу Русија и Западот и не очекува тоа да се смени, но сака да осигури дека овој став нема да се претвори во “отворена поддршка за Русија. ЕУ исто така планира да ја потсети Кина дека трговијата со ЕУ и САД е далеку поголема отколку кинеските размени со Русија.

-Кина има влијание врз Русија, но може и да одбере да стане близок сојузник на Русија, сѐ уште не одлучила, и треба да ги погледне своите долгорочни интереси, велат од ЕУ.

На прашање дали Кина испорачува оружје до Русија, ЕУ дипломатите велат дека немаат солиден доказ за такво нешто, но дека тоа би било црвена линија во односите Пекинг-ЕУ.

-Ако активно испорачувате оружје до Русите, ако ги заобиколувате санкции или помагате на Русија да се заобиколат санкциите, тогаш не сте веќе неутрални, велат дипломатите во Брисел.

ЕУ ќе ја потсетат Кина дека “меѓународниот поредок“ врз кој почиваат правилата во Обединетите Нации денеска се важни за Пекинг и во однос на Тајван.