Сали: Јапонска грант помош за набавка на опрема за Инфективната клиника и КАРИЛ

21

 Министерот за здравство Беким Сали на својот фејсбук профил објави дека денеска се сретнал со јапонскиот амбасадор Хиронори Савада.

– Со јапонскиот амбасадор, неговата екселенција Хиронори Савада на денешната средба ја потврдивме досегашната одлична соработка и договоривме нејзино продлабочување. За нашата држава поддршката на јапонскиот народ е од огромна важност, посебно во овие моменти кога се соочуваме со пандемијата на Ковид-19 вирусот, а за оваа намена во тек е реализација на грант како помош за справување во пандемијата со Ковид во износ од над 800.000 евра за набавка на медицинска опрема за Инфективната клиника и КАРИЛ, а предвидена е и реконструкција на одделот за радиотерапија на Клиниката за онкологија, напиша Сали.

Преку Јапонската агенција за меѓународна соработка(JICA), како што посочува министерот, се обезбедува и нов мобилен ангиограф за потребите на службата за интервентна кардиологија и радиологија при Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, во вредност од 100.886 евра.

– Во рамки на програмата за мали проекти (GSP) исто така се реализираат и неколку договори за проекти со болници низ државата и секоја година се овозможува помош за јавни здравствени институции. Покрај континуираната помош за зајакнување во опрема се овозможуваат и едукативни обуки на теми од интерес за нашето здравство, објави Сали.