Министерот за здравство Беким Сали смета дека во време на пандемија треба да се засукаат ракавите и сите стручни лица да се вклучат во работата на Комисијата за заразни болести за успешно да се справиме со ковид-19. Ова е став на министерот за здравство по изјавите на еминентните професори, д-р Никола Пановски, д-р Драган Даниловски и д-р Вело Макровски, кои не беа задоволни од начинот на којшто им е понудена соработката, сметајќи дека за такви важни теми треба да се разговара директно, а не преку Фејсбук.

 

Не е време за лични дискусии и молење и други начини на покани, смета министерот за здравство Беким Сали на реакцијата на еминентните професори, д-р Никола Пановски, д-р Драган Даниловски и д-р Вело Макровски, кои реагираа на начинот на којшто им е понудена соработката, сметајќи дека за такви важни теми треба да се разговара директно, а не преку Фејсбук. Но министерот Сали останува на ставот дека во време на пандемија не треба вака да се размислува, бидејќи сега е период да се засукаат ракавите.

-Треба да се справиме со пандемијата, а не да се молиме со други начини на покани. Преку Фејсбук беше упатена поканата до тројца професори да се вклучат во работата на Комисијата за заразни болести, што е коректно – вели министерот Сали и дополнува дека како министер има право да го промени составот на Комисијата за заразни болести во насока на проширување и дополнување со нови, професионални кадри од повеќе области.

Според него овој повик не е упатен само до овие професори, туку и до сите останати експерти во земјава кои сметаат дека можат да дадат свој придонес во успешно надминувањето на пандемијата.

Тој информираше дека има благо покачување на хоспитализациите на заразените до ковид-19, но засега сè е под контрола.

– Од аспект на кадар сосема добро сме организирани. Ни останува да почекаме да се намалува бројот. Засега нема нови мерки, а затоа нема ниту потреба. Нема да се укинат ниту сертификатите, рано е за тоа, акцент да се стави на вакцинацијата. Вака како што сме сега, продолжуваме – посочи министерот Сали.

Министерот кажа дека Комисијата за заразни болести ќе продолжи секој вторник со редовни состаноци каде што ќе ја анализира епидемиолошката состојба во земјава.
Што се однесува за реакцијата на експертите на повикот на министерот Сали, професорот д-р Драган Даниловски вели дека не прифаќа чиј било предлог за членување во Комисијата за заразни болести, а неговиот став се темели на свесноста дека Комисијата за заразни болести никогаш не може автономно да функционира, колку и да се трудат членовите така да биде!

Комисијата претставува само советодавно тело на Министерот за здравство. Таа нема ингеренции да носи извршни одлуки, туку само заклучоци, кои му ги предлага на министерот, а тој може, ама не мора, да ги прифати. Крајната одлука е само негова и би требало да биде извршна – вели д-р Даниловски.

Според епидемиологот во таков амбиент, за него е неприфатливо да ја жртвува својата автономија.

– Останувам со автономен, независен статус како досега – член на универзитетската заедница – и продолжувам да функционирам волонтерски во врска со сè што значи стручна помош секому што ќе ми се обрати: Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство – но, пред сè, граѓаните – вели професорот Даниловски.

И познатиот микробиолог д-р Никола Пановски, не прифаќа да биде дел од Комисија, но како што вели и понатаму бесплатно ќе советува, како што тоа го прави изминативе две години. Според него се знае начинот како треба да се упати покана од министер, не преку социјалните мрежи, неопходен е разговор.

– Прво да ги тргнат сертификатите, па потоа да се разговара за комисија од која никогаш нема да бидам. Ова е мој бесплатен совет. Официјален советник на министер не би бил. Никогаш нема да сме доволно вакцинирани, и вакцинирани шират болест. Од тука не гледам потреба од сертификатите. Сум против сертификати, тоа е срам на 21 век – вели Пановски кој на оваа тема зборува уште од моментот кога се воведоа сертификатите не само во земјава, туку на светско ниво.

За инфектологот д-р Вело Марковски, Комисијата за заразни болести е советодавна на министерот без суштинско влијание на какви било мерки. Тој потсетува дека уште пред две години кога почнала пандемијата предложил измени и да се формира нова комисија за ковид-19 како владино тело чии одлуки ќе бидат задолжителни за сите.

-За жал, тоа не беше прифатено, а сега несериозно е да се покануваат експерти преку Фејсбук – укажува професорот Марковски.

Останува ли д-р Караџовски во Комисијата за заразни болести!?

Министерот за здравство Беким Сали во минатонеделното интервју за весникот ВЕЧЕР информираше дека ќе има промени во составот на Комисијата за заразни болести кои ќе бидат во насока на проширување и дополнување со нови, професионални, кадри од повеќе области. Според него во оваа Комисија веќе има мошне искусни професионалци во своите области, според што натамошните чекори ќе подразбираат надградба, усовршување и професионализација.

Што се однесува за тоа дали актуелниот претседател д-р Жарко Караџовски ќе биде сменет, министерот Сали вели дека во тек се дискусиите, и јавноста, секако, навремено ќе биде информирана.

– Во неколку наврати досега нагласив дека професионалното работење на ова тело е од најголема важност, а одговорот кон потребите на граѓаните врвен приоритет. Апсолутно го разбирам интересот на јавноста за натамошните чекори поврзани со составот на ова тело, бидејќи околностите бараат засилено и координирано дејствување врз основа на стручни и реалистични проценки – изјави во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, министерот Сали.

Неофицијално дознаваме дека на д-р Караџовски како стручен епидемиолог со огромно искуство ќе му биде понудено да остане како член во Комисијата. Министерот смета дека добро е да се искористи неговиот стручен потенцијал. Но засега од д-р Караџовски нема официјален одговор дали останува во Комисијата.

(В.Ма.)