Сали: Во тек скрининг за рана детекција на рак на грло на матка, првпат закажување преглед електронски

41

Грижата за женското здравје е еден од приоритетите на Министерството за здравство. Во тек е организиран скрининг за рана детекција на рак на грло на матка. Првпат жените имаат можност превентивен преглед да закажат електронски преку пријавување на веб платформата – skrining.mk , објави попладнево на својот Фејсбук профил министерот за здравство Беким Сали.

Со организиран скрининг оваа година, посочува Сали, се опфатени жените на возраст од 36 до 45 години, кои во последните три години немаат направено ПАП тест.

– Прегледот, во рамки на скринингот за оваа возрасна група е бесплатен. Целта ни е да го зголемиме опфатот на жени кои ќе направат преглед, имајќи предвид дека раната детекција и превенција на ракот на грлото на матката е еднакво важна и во услови на пандемија. Матичниот гинеколог ги повикува жените со датум и час кога треба да се направи ПАП тестот. Следната година ќе биде опфатена друга возрасна група. Ова се прави согласно препораките на СЗО, интервалот на спроведување на скринингот е три години за да се опфатат сите возрасни групи, напиша Сали.

Оваа активност, потенцира министерот, се реализира во соработка со „Мој Термин“, УНФПА и Националната комисија за рак на грло на матка при Министерството за здравство кои изминатиот период интензивно работеа на оваа новина.

Министерството за здравство објави спот по повод новата апликација skrining.mk .