САЛИ: Би сакал да ги тргнеме маските, но бројките не дозволуваат!

Министерот за здравство Беким Сали рече дека сегашните бројки не дозволуваат олеснување на мерките, вклучително и отстранување на маските поради малиот процент на вакцинирани. Но, професорот Никола Пановски смета дека е време да се укине мерката за носење маски во училиштата и ги повика здравствените власти да дадат препорака и студентите да се вратат на физичка настава.

243

Ќе предложи ли Комисијата за заразни болести укинување на дел од ковид-мерките поради падот на новите случаи на ковид позитивни, ќе се знае по состанокот закажан за утре. За ова најмогу се заинтересирани учениците кои очекуваат дали ќе можат да следат настава без маски или оваа одредба и натаму ќе остане на сила. Во регионот неколку држави почнаа да ги олабавуваат мерките, но тоа за здравствените власти не е индикатор дека треба да се спроведуваат и кај нас.

Министерот за здравство Беким Сали рече дека сегашните бројки не дозволуваат олеснување на мерките, вклучително и отстранување на маските поради малиот процент на вакцинирани.

-Јас сум првиот што би сакал да можам да кажам дека од утре можеме без маски, би останал запаметен по оваа изјава, но на едната страна се желбите, а на другата страна бројките што ги добиваме секојдневно.  Секојдневно ја следиме состојбата, имаме четири земји кои први ги ослободија мерките, но гледаме дека таму сега ја имаме ситуацијата како на почетокот, изјави Сали.

Еден од индикаторите, како што кажа, е бројот на новозаразени, но важен индикатор е и бројот на пациенти кои се хоспитализираат и оти според таа состојба, ние сè уште не сме подготвени за намалување на мерките. Министерот додаде дека дел од ковид-центрите во државата се затворени и нема потреба од дополнителни кревети.

Од друга страна, професорот Никола Пановски смета дека е време да се укине мерката за носење маски во училиштата и  ги повика здравствените власти да дадат препорака и студентите да се вратат на физичка настава.

-Сметам дека е време во училиштата да се тргнат маските. Денеска одат 30 ученици на роденден, истите од класот ќе се дружат два часа, а потоа пак утре ќе се видат на училиште. Одат надвор насекаде, а не одат на настава, вели Пановски.

Пановски тврди дека со омикронот како доминантен сој го пренесуваат и вакцинираните и дека на основа на тоа нема логика да се користат уште вакциналните сертификати.

– Нема да има никаква промена ако се укинат сертификатите, тие и така не се почитуваат, а само се малтретираат граѓаните, вели тој.

Во врска со третата доза, односно бустер-дозата, според Пановски, треба да биде препорачана само за ризичните групи.

Владата, минатата недела усвои дел од препораките на Комисијата, па веќе една недела на невакцинираните им е дозволен влез во трговски центри, односно, граѓаните веќе нема да мора да приложуваат сертификат како доказ дека се вакцинирани. Исто така, продолжено е времетраењето на сертификатот за лицата кои го прележале вирусот на 180 дена и бремените жени да се вратат на работа.

Од Комисијата велат дека за поголемо олеснување на мерките е потребно да се зголеми стапката на имунизација на населението која во моментов е 41%. Затоа, стартува кампања со која граѓаните кои спаѓаат во ризични групи преку нивните матични лекари ќе добиваат СМС- пораки со закажан датум и време за вакцинација. Станува збор за група граѓани над 65 години кои имаат коморбидитети и помлади од 65 со поголем број коморбидитети.

Според последно објавените податоците од Институтот за јавно здравје,  направени се 2.635 тестови регистрирани се 277 нови случаи со ковид-19, од кои 44 реинфекции, осум починати и 132 оздравени пациенти. Трендот на новозаразени со ковид-19 и натаму е во опаѓање. Паѓа и вкупниот број на активни случаи кој изнесува 2.091 од кои половината се во Скопје.

Најмногу активни, по главниот град, има во Прилеп – 148, во Битола – 135 и во Велес – 101, додека во другите градови нивниот број е под 100.

Од почетокот на пандемијата, бројот на ковид-позитивни во земјава изнесува 301.491, на оздравени е 290.254, а починаа 9.146 лица. Направени се вкупно 1.922.182 тестирања на ковид-19.

Во светот, пак, досега се заразиле близу 456 милиони луѓе, а починале шест милиони.