Сакате војна, ќе добиете војна! Фараоне Џафери, ќе кркнеш уште една кривична пријава!

Со овие зборови пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, се обрати на претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој пак го опомена „Ова е Собрание, а не улица и не се заканувај од говорница“

1918

Тензично, со дебата на висок тон, закани и навреди од парламентарната говорница и со  задоцнување од час и половина, почна седницата на Собранието, на која требаше да се расправа за серија значајни закони кои во последен момент добија европско знаменце. Лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев, го обвини претседателот на Собранието, Талат Џафери дека одбил да ги прими амандманите на Левица. Го потсети дека со тоа го прекршил Уставот и собранискиот Деловник за работа. Апасиев реагираше затоа што амандманите на Левица за Законот за лична карта исчезнале при преносот од Собраниската архива до кабинетот на собранискиот спикер. Вработените во собраниската архива, објасни Апасиев, при приложувањето на амандманите, наместо да ги примат, барале одобрение од претседателот Џафери, што е недозволиво во парламентараната демократија.

– Тие се должни да го примат секое барање на граѓаните, па и тоа да е напишано на тоалетна хартија – рече лидерот на Левица и најави дека на комисиската расправа закажана за неколку часа подоцна, ќе бара да  се прифатат амандманите на Левица, а не само на Алијанса за Албанците.

– Амандманите на пратениците на Левица на Законот за лична карта „исчезнале“ при преносот од собраниската архива до кабинетот на Џафери!? Дечки, се врти колцето бе. Утре вие ќе бидете опозиција, а ние власт. Ондак, ќе ви поставиме канти у ходник и сами ќе си ги фрлате. Ич да не се мачиме.

p.s. Фараоне Талат Џафери ќе кркнеш још једна кривична за узурпација на уставното право на пратеник да предлага амандмани! -напиша Апасиев и на Фејсбук. Тој револтиран од односот на Собранието спрема амандманите го предупреди претседателот Џафери да прати обезбедување на комисиската расправа зошто најави „војна“ на седницата. Рече дека Левица има поднесено околу 1.800 амандмани.

-Ги поднесовме грижливо, точно според  Деловникот, известени сме дека не се проследени. Се обидете ли да направите шверцерат, пратете таму обезбедување, бидејќи Комисија нема да има. Не може само за великоалбанскиот шовинизам да има право на амандмани во ова Собрание! Сакате војна? – Ќе добиете војна! – рече  Апасиев.

Џафери пак, го опомени: „Ова е Собрание, а не улица и не се заканувај од говорница“.

Апасиев реагираше бидејќи Предлог-законот за измени и дополнувања на законот за државјанство се носи со европско знаменце.  Тој најави Предлог-закон за дополнување на Кривичниот законик со кој се предвидува затвор од 1 до 5 години за овластен предлагач на закон, кој ќе го злоупотреби знаменцето на Европска Унија. Потоа, најмалку 5 години затвор за службено лице во орган на централна државна власт, почнувајќи од спикерот до претседателот на Републиката и претседателот на работното тело, кои ќе ги потпишат указите. А затворски казни од 6 месеци до 3 години се предвидуваат и за третиот ешалон, односно за државните службеници, кои учествуваат во подготовка на лажни изјави кои доаѓаат од страна на Владата.

Аргументи поради кои Левица го блокира законот за државјанство, вели Апасиев,  има стотици.

– Прво е дека Законот не се однесува на бездржавјани туку на лица кои веќе имаат косовско државјанство – т.е. наместо на апатриди, се однесува на бипатриди! Второ, Законот е спротивен на Европската конвенција за државјанство на Советот на Европа од 1997 год. (која ние ја ратификувавме во 2002) и е во директна спротивност на Конвенцијата на СЕ за намалување на случаите на повеќедржавјанство (1963).  Трето, Законот, по трет пат од распадот на СФРЈ (1991), ќе дава државјанство по пат на сукцесија – што е единствен пример на поранешните југословенски простори. Четврто, Законот не бара ефективна врска со државата која го издава државјанството, што е непознат феномен! Петто, Законот не предвидува познавање на македонскиот јазик како услов за стекнување државјанство преку т.н. „олеснета натурализација“. Шесто, Законот предвидува давање државјанство со обични копии од платена сметка за струја!?, што според нив е феномен непознат во светот…, појаснува тој.

Пратеникот Скендер Реџепи од опозициската албанска коалиција, пак го обвини Апасиев  дека не го ни прочитал законот и дека не му доликува да се храни себеси и малкутемина гласачи со национализам.

Во врска со Законот за државјанство, се огласи и Македонското здружение на млади правници како организација која повеќе од 10 години работи на намалување и искоренување на бездржавјанството во државава, достави барање до Џафери за итно свикување на јавна седница на која ќе се произнесе стручната јавност.

-Сметаме дека начинот на којшто е формулиран предлог законот е непрецизен и не го решава во целост проблемот на лицата без државјанство кои се заштитени согласно меѓународното право и конвенциите наведени како извори за донесување на овој закон, а дел од предложените решенија се спротивни на текстот на овие конвенции, стои во нивното соопштение.

Професорот Светозар Шкариќ, во својата најнова колумна во МКденес.мк, се осврнува на блокадите во Собранието, поради што е закочено донесувањето на дваесетина закони преку илјадници амандмани поднесени од страна на опозицијата. Шкариќ вели дека не станува збор за опструкција на законодавниот процес (filibustering), како што се зборува туку за блокада на постапките за донесување на законите (blockade), непозната во парламентарната демократија. (Е.А. )