Сакаме во ЕУ со олд тајмери што дуваат отрови!

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека кај регистрираните патнички возила, просечната старост лани се искачила на 19,5 години, а само кај автомобилите просечната старост е зголемена минимално, во споредба со 19,4 години во 2020 година. За споредба, староста на патничките возила во земјите од Европската Унија изнесува 10,08 години. Со просечна старост од 18,2 години, загрижувачка е состојбата со автобускиот возен парк. Нешто подобра е состојбата со камионите со македонски регистарски таблички, чија просечна старост изнесува 16,9 години, а на влечните возила е уште подобра и е 13,3 години. Што се однесува до еколошките еуростандарди, сликата е мошне неповолна. Речиси 400 илјади возила од регистрираните 550 илјади се постари од 14 години и испуштаат повеќе штетни гасови во воздухот. Возила произведени во изминатава деценија што имаат мотори што ги задоволуваат стандардите еуро 5 и еуро 6 за емисии на издувни гасови се само 17 проценти од вкупниот број возила

91

Европската агенција за животна средина посочи дека транспортот е одговорен за 30 проценти од вкупните емисии на стакленички гасови во земјите на Европската Унија. Тоа се потврдува со податокот дека речиси две третини од нафтата, што се користи во ЕУ, се троши за транспорт.

Во анализата што беше презентирана во МАНУ, како една од причините за загадувањето на воздухот во македонските градови се посочува сообраќајот кој учествува со 20 отсто во емисијата на штетни материи.

Ако се повикаме на податоците на Државниот завод за статистика, ќе се забележи дека кај регистрираните патнички возила, просечната старост лани се искачила на 19,5 години, а само кај автомобилите просечната старост е зголемена минимално, во споредба со 19,4 години во 2020 година.

За споредба, староста на патничките возила во земјите од Европската Унија изнесува 10,08 години. Во земјите членки на ЕУ од источниот блок, просечната старост на возилата е околу 16 години старост, што е блиску до просекот на македонските автомобили, но заостануваат зад возилата во земјите на Западна Европа.

Дека кризата удри сериозно по џебот на Европејците, покажува и најновиот податок дека лани од јануари до ноември забележан е пад на продажбата на нови автомобили во цела ЕУ за 6,1 отсто во однос на истиот период лани. Дополнително, бројот на нови возила во ноември остана далеку под истиот месец пред три години и пред пандемијата, кога беа регистрирани околу еден милион.

Како е кај нас? Со просечна старост од 18,2 години, загрижувачка е состојбата со автобускиот возен парк. Нешто подобра е состојбата со камионите со македонски регистарски таблици чија просечна старост изнесува 16,9 години, а на влечните возила е уште подобра и е 13,3 години.

Што се однесува до еколошките еуростандарди, сликата е мошне неповолна. Речиси 400 илјади возила од регистрираните 550 илјади се постари од 14 години и испуштаат повеќе штетни гасови во воздухот. Возила произведени во изминатава деценија што имаат мотори што ги задоволуваат стандардите еуро 5 и еуро 6 за емисии на издувни гасови се само 17 проценти од вкупниот број возила.

Експертите велат дека ваквата состојба со староста на возилата и еуростандардите на моторите, се должи на стимулираното купување употребувани возила во 2016 година, преку увоз на возила со ниски стандарди (еуростандард 1 и 2).

На рамниште на Европската Унија постигнат е договор околу законот за ефективна забрана за продажба на нови автомобили на бензин и на дизел. Според договорот, сите нови автомобили и комбиња регистрирани во Европа ќе имаат нулта емисија на гасот ЦО2 до 2035 година, а тоа ќе се направи само со електрични возила. Во моментов, електричните автомобили на батерии и плуг-ин хибридните возила сочинуваат само 0,5 насто, односно 0,6 насто од возниот парк, додека 1,2 насто од сите автомобили на патиштата во унијата се хибридни патнички автомобили.

– Како земји кандидатки и потенцијални кандидатки за членство во Унијата, државите од западниот Балкан имаат обврска сопствените еколошки политики да ги приспособат на новата климатска цел на Европската Унија, во облик на прописи во областа на климатската и енергетската политика, како и на последователните трансформации на своите стопанства и општества. Затоа, сосема е извесно дека продолжувањето на патот кон членство ќе биде исполнет со предизвици, но и поплочен со поттици. Со оглед на влијанието коешто возилата на бензин и на дизел го имаат врз квалитетот на воздухот, потенцијалното остварување на зацртаните еколошки цели е најголемиот поттик за земјите од регионот, каде што загаденоста на воздухот во моментов предизвикува околу 30 илјади предвремени починувања годишно, според проценката на Европската агенција за животна средина – велат од Институтот за комуникациски студии.

(С.Бл.)