EPA-EFE/JOHN G. MABANGLO

Најдобрата руска тенисерка, Дарија Касаткина, која е 11-та светска тенисерка, неодамна откри дека е лезбијка, што ѝ донесе многу проблеми во нејзината земја. „Дали имам девојка? Да”, изјавила 25-годишната девојка за медиумите. Таа откри дека била малку нервозна кога морала сè да потврди и во Русија не гледале премногу благонаклонето на нејзината изјава, иако неодамна добила национална награда.

Од почетокот на руската инвазија на Украина, на повеќето руски спортисти им е забрането да учествуваат на меѓународни натпревари и да настапуваат под знамето на сопствената татковина и државната химна. Касаткина ја изрази својата загриженост за оваа ситуација и ја навести можноста наскоро да настапи под знамето на друга земја.

– Во моментов сум државјанин на Русија и горда сум што сум Русинка. Но, сакам да продолжам да играм тенис, тоа е мојот приоритет. Никој не сака да долева масло на огнот. Ми се чини дека Швајцарија е многу стабилна земја и јас би сакала да ја направам таа транзиција – изјави Касаткина за „Еуроспорт“.

Изјавата предизвика жестоки реакции, а најдиректен беше Роман Терјушов, пратеник во Думата (парламентот): „За жал, од непознати причини, личност како неа доби почесна титула и се доживува како симбол на спортот во Русија, а, во исто време, таа прави сè за да нагласи дека швајцарското државјанство ѝ е приоритет.

Таа ги охрабрува нашите млади да го сменат своето државјанство, да претставуваат други земји. Тоа кажува сè за неа. Нека живее таму, не сакаме повеќе да слушнеме ништо за неа. Треба да се смени политиката на доделување вакви титули за да може да се одземат“.

Неодамна, на Инстаграм, Касаткина објави фотографија со својата партнерка, под која напиша:

– Комплицирано е да се живее толку долго во плакар. Нема ништо полесно на светот од тоа да се биде стрејт. Ако се има избор, кој ќе избере да биде геј за да си го комплицира животот?! – напиша Касаткина, која моментално живее во Шпанија.

Најдобриот нејзин пласман беше во октомври 2018 година. Тогаш таа беше десетторангирана во светот. Нејзин најголем успех на грен-слем турнирите е полуфиналето на Ролан Гарос оваа година.