Ненадејното одложување на доделувањето медали во уметничко лизгање на овогодинешните Зимски олимписки игри во Пекинг, каде Русија го освои златото, повторно ја активираше „бомбата„ за наводен допинг на руските спортисти. „Риа Новости“ се повика на информациите на порталот „Inside the games“ кој објави дека доцнењето е поврзано со допинг тестот на руските спортисти пред Игрите во Пекинг.

Целата приказна потекнува од сега познатиот руски лекар Григориј Радченков, кој прв ги разоткри измамите на руските спортисти и вмешаноста на државата во допингот.

Кога решил да зборува за она што го знае, начинот на кој го избрал, знаел што го чека. Поранешниот шеф на Московската допинг лабораторија и поранешен функционер на Антидопинг агенцијата на Русија (РУСАДА), Григориј Родченков, во светот е познат како „човекот кој ги разоткри допингуваните руски спортисти и државната помош на тоа поле“.

Сега живее скриен од очите на јавноста, во САД, каде што побегнал и добил нов идентитет, а објавил и автобиографија за она што го доживеал прво како функционер на Антидопинг агенцијата, а потоа како „алармист“.

Родченков повторно се најде во центарот на вниманието на јавноста поради скандалот на Зимските олимписки игри во Пекинг и одложувањето на доделувањето медали во уметничко лизгање, во кое Русија го освои златото, односно 15-годишната Камила Валиева. На крајот се воспостави дека Валиева нема да биде казнета бидејќи е малолетна, но можно е да и биде одземен олимпискиот златен медал.

Еден месец по пристигнувањето на американско тло, Родченков пред камера зборуваше за лагите на „оние кои не смееја да лажат“, прикривајќи ја вистината, постојано нагласувајќи го мешањето на државните органи, поради што има исклучително лош углед во својата татковина. Всушност, не само што многумина го сметаат за „предавник“, туку е убеден и дека неговиот живот е во опасност. Родченков веќе нема мустаќи „од безбедносни причини“, ја бојадисал косата и постојано носи панцир.

Токму Григориј Родченков бил главниот мозок на допинг операцијата, кој во руска лабораторија создал „допинг ѕвер“, коктел од три анаболни супстанци наречени Војвотка, кој не може да се открие со редовни тестови. Барем така тврди, светот верува во него, а Русија грми: „Лаже!“.

Тој објави автобиографија, а самиот наслов за повеќето Руси е неприфатлив: „Аферата Родченков – како ја соборив тајната допинг империја на Путин“.

Во голем дел, тој го опиша растењето во Советскиот Сојуз, неговата прва средба со допинг кога имал 22 години, а потоа и бројни детали за кои јавноста досега не знаела ништо. На пример, Родченков објасни како неговиот тим ги заменил контаминираните со чисти примероци за време на Зимските олимписки игри во Сочи 2014 година.

  • Ја пропуштив церемонијата на затворање, бидејќи ја имавме последната важна рунда за замена на контејнери со урина – за заштита на два руски златни медалисти. Еден од нив беше знаменосецот Александар Зубков, кој повторно седеше до Владимир Путин. Станува збор за натпреварувач, кој победи во боб-двосед и четири седишта. Нашиот тим одржа своја „церемонија на затворање“ кога го запечативме последното допинг шише. Ја направивме најголемата измама во историјата на Олимпијадата.

Последиците од овој допинг скандал се уште траат, Руската антидопинг агенција (РУСАДА), според критериумите на Светската антидопинг агенција (ВАДА) се уште не ги исполнува условите. Така беше прогласена 2015 година, а санкциите беа обновени во 2019 година, бидејќи, според мислењето на независната комисија на Меѓународниот олимписки комитет, Русите продолжија да манипулираат со наодите.

Меѓу санкциите што ВАДА им ги воведе на руските колеги е и нова четиригодишна забрана за користење на руското знаме на Олимписките игри или на кое било светско првенство. Случајот е пред Арбитражниот суд за спорт, а на Родченков му се закануваат со „смртна казна“, иако, како што вели, тој воопшто не се плаши.

  • Конечно сум среќен, бидејќи сум на страната на вистината. Кремљ ќе ме убие штом може. Тоа е животен факт. Се плашев за тоа два, три дена, но не повеќе. Но, знам дека потрагата по мене никогаш нема да престане. Нема да престане, дури и кога Путин ќе умре, пишува главниот манипулатор на допинг скандалот.