Саздо починал по силен удар, а не од пад

91

 

Со сослушување на вешто лице од судска медицина, предложен од обвинителството за дополнително изведување докази по реконструкцијата на настанот,  во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето на Бесир Беља и Скендер Демири, обвинети за убиството на 20-годишниот скопјанец Никола Саздовски-Саздо.

-Сега покојниот починал по силен удар, а не од пад или удар на асфалт или кутија, со оглед дека на телото не се констатирани никакви повреди од пад на тврда подлога, што е наведено и во претходните вештачења и искази пред овој суд, истакна вештакот и потврди дека остануваат на ставот за начинот и причините на смртта на сега покојниот Саздовски.

Случајот го води судијката Даниела Алексовска-Стојановска, и на почетокот ги повика обвинителството и одбраната доколку имаат дополнителни докази да ги предложат, со оглед дека е исцрпена листата на предложени докази по извршениот увид во списите од реконструкцијата на настанот.

Судот на почетокот на рочиштето го одби предлогот на одбраната за повторно сослушување на вештото лице, поради тоа што во вештачењето не било побарано тоа лице да вештачи во однос на болката и интензитетот на страдање на сега починатиот, туку во својот исказ тој само се повикува на вештачењето изработено од судска медицина.

Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј.Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда.
Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина. Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој се уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница.