САД планираат да купат милиони дополнителни дози на вакцини од „Фајзер“ против Ковид -19, што ќе ги донираат низ целиот свет, објави денеска „Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори.

Потегот на САД треба да биде објавен на почетокот на следната недела, што се совпаѓа со состанокот на Генералното собрание на ОН во Њујорк, велат изворите за весникот.

Си-Ен-Ен објави во јуни, повикувајќи се на добро информиран извор, дека американската администрација планира да донира 500 милиони дози на вакцини од Фајзер против коронавирус во речиси сто земји во следните две години. Оваа година, САД треба да купат 200 милиони дози, а во првата половина на следната година, 300 милиони дози што ќе бидат донирани за сиромашни земји и Африканската унија.