Кошаркарската селекција на САД со години беше без конкуренција за златото кога се во прашање големите натпреварувања како Олимпијади и Светски првенства. Но, Американците потфрлија на Светското првенство во Кина, кога го своија седмото место, а за да не се случи нова сензација, селекторот Грег Попович одбра пеколен состав за Олимпијадата во Токио.

По неколкудневно погодување, прифаќање и одбивање на поканата, официјализирано е кои 12 кошаркари ќе одговорат на селекторот Грег Попович и ќе одат на Олимписките игри во Токио кои се на програмата од 23 јули до 8 август. Меѓу НБА-ѕвездите кои ќе ги бранат боите на САД во Токио се: Кевин Дурент (Бруклин), Демијан Лилард (Портланд), Бредли Бил (Вашингтон), Џејсон Тејтум (Бостон),  Девин Букер (Феникс), Зек Лавин (Чикаго), Бем Адебајо (Мајами), Дрејмонд Грин (Голден стејт), Џру Холидеј (Милвоки), Крис Мидлтон (Милвоки), Џереми Грант (Детроит).

Иако Џејмс Харден имаше желба да учествува, сепак нема да може поради повреда, но затоа, тимот ќе го води неговиот соиграч од соблекувалната – Кевин Дурент (32), кој го посакува третото олимписко злато.

Американската репрезентација ќе има само уште еден освојувач на злато од Рио, Дрејмонд Грин, но секако тоа нема да влијае на моќта на тимот.

Сепак, останува да се види дали крајот на НБА-сезоната ќе го искомплицира планот за Американците, бидејќи Букер, Холидеј и Мидлтон се уште играат во плејофот и може да се борат за титулата најдоцна до 22 јули.

САД ќе го одиграат својот прв натпревар на Игрите на 25 јули, така што е најдено решение доколку нивните тимови „заглават“ во НБА-лигата, Имено, долгогодишниот директор на националниот тим, Џери Коланџело, најави дека тројцата на крајот ќе се качат во приватен авион и ќе дојдат во Јапонија.

  • Во животот се сè однесува на односите, а тие односи ги градевме претходните години. Тоа беше процес и не беше лесен, изјави познатиот кошаркарски функционер, кој ќе се повлече по Токио, по 16 години.

Американската репрезентација ќе се собере на 4 јули во Лас Вегас и ќе игра подготвителни натпревари на домашен терен против Шпанија, Австралија, Нигерија и Аргентина.