САД повлекуваат 12.000 војници од Германија

99

Според планот, 5.600 американски војници ќе бидат распоредени од Германија во други сојузници на НАТО, вклучувајќи ги Белгија и Италија. Поранешниот генерал Бен Хоџис остро го критикува потегот на Трамп и смета дека Русија не заслужува САД да го редуцира својот ангажман во Европа

САД повлекуваат речиси 12.000 војници од Германија по повикот на претседателот Доналд Трамп за намалување на американската воена распространетост низ светот, како што ја опиша, „поради прекумерно трошење во одбраната“.

Според планот, 5.600 американски војници ќе бидат распоредени од Германија во други сојузници на НАТО, вклучувајќи ги Белгија и Италија. Уште 6.400 ќе се вратат во САД, иако повеќето од овие сили како што опиша Пентагон, ќе бидат пренасочени кон „континуирана ротација“ во регионот на Црното Море, пишува Гласот на Америка.

„Овие промени ќе ги зајакнат цврстите принципи на САД и НАТО за одбивање на Русија, јакнење на Алијансата и унапредување на американската стратешка флексибилност“, изјави секретарот за одбрана Марк Еспер. Еспер и други официјални лица од Пентагон најавија дека распоредувањето ќе почне во следните недели, иако не беа објавени детали. Засега не се познати трошоците од ваквите промени со американските сили во Европа, но процените се дека најверојатно ќе бидат потрошени неколку милијарди долари.

САД во моментов имаат 36.000 војници во Германија во неколку бази, вклучувајќи ја и воздушната, Рамштајн. Како дополнување, во Штутгарт, се наоѓа седиштето на американската команда за Европа. Германски официјални лица се залагаат за останување на американските војници во Германија, и изразија жалење за ваквата одлука. „Се работи за безбедноста на НАТО“, изјави неодамна на виртуелен форум, германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбуер.

Поранешниот генерал Бен Хоџис во интервју за „Дојче веле“ остро го критикува повлекувањето на американски трупи од Германија. „Повлекувањето ги стеснува капацитетите во Германија кои им се од помош на САД. Трупите тука не се за да ја бранат Германија, тие им помагаат на САД. Германија е нашиот најважен сојузник во Европа“, смета тој.„ Тука е нашиот „мостобран”, преку кој се одвиваат бројни американски операции во Европа, Африка, Средниот Исток. Ако ги повлечеме овие трупи од таму каде постои добра инфраструктура, ќе биде тешко да се одржи и натаму таквата способност за реагирање. Ако на пример трупите се преместат во Италија, само изградбата на сместувалишта ќе чини десетици милиони долари,“ вели Хоџис.

Генералот Хоџис проценува дека ова е огромен подарок за Кремљ. „Триесетпроцентно редуцирање на бројноста на нашите трупи во Германија, нарушување и натамошно наштетување на односите со нашиот најважен сојузник, а Русија притоа не направи ништо за тоа да го заслужи. Тие и натаму го држат Крим под окупација, од недела во недела убиваат луѓе во Украина. Русија не заслужува САД да го редуцира својот ангажман во Европа“, вели Хоџис.

Главниот мотив на Трамп е дека Германија не ги уплаќа ветените два проценти од БДП во НАТО. Хоџис се согласува дека Германија треба да одделува повеќе пари за одбраната. „Одлуката за повлекување на една третина од трупите меѓутоа нема стратешко оправдување, туку е само одраз на  фрустрација на Трамп што Германија не постапува онака како што тој сака. Иронијата е што трупите би требало да бидат преместени во Италија и Белгија, земји кои исто така не ја исполнуваат целта од два проценти. Неговите одлуки едноставно не се воопшто конзистентни“, констатира Хоџис.