Американскиот Стејт департмент објави дека нуди награда до три милиони долари во рамки на програмата „Награди за правда“ (Rewards for Justice) за информации за напади врз Американци во Ирак.

Соопштението дојде еден ден по нападот со три беспилотни летала со експлозив на аеродромот во Багдад, каде што се сместени американски трупи.

„О, верен народ на Ирак, кукавичките терористи ги напаѓаат дипломатските мисии на САД во Ирак, а потоа бегаат да се сокријат меѓу цивилите“, пишува на арапски на Твитер профилот „Награди за правда“.

„Америка нуди награда до три милиони долари за информации за планирани или минати напади врз американски дипломатски мисии“, се вели во видео-соопштението.

Од почетокот на годинава, вкупно 42 напади биле упатени кон американската амбасада во Багдад, ирачките бази со американски трупи или ирачките конвои кои превезувале логистичка поддршка.

Последниот напад беше извршен вчера со три беспилотни летала полни со експлозив, соопшти денеска ирачката армија.

Во соопштението се вели дека едно од беспилотните летала синоќа било пресретнато од противракетниот систем. Ова е четврти ваков напад со беспилотно летало за помалку од два месеци.