САД развиле во тајност ракета за изведување прецизни напади врз терористи, без да се нанесе штета на цивили кои ќе се најдат во близина на нападот, а како што пишува „Волстрит џурнал“, ракета веќе ја докажала својата употребна вредност на терен.

Ракетата „П-икс 9“ е модифицирана верзија на „хелфајер“ против-оклопна ракета, а наместо експлозија, ракетата користи сурова сила за елиминирање на целта.

„Волстрит џурнал“ наведува дека ударот на целната мета изгледа како „да паднала наковална со голема брзина од небото“.

Она што го прави оружје особено смртоносно е тоа што има шест долги ножеви, кои се отвораат непосредно пред ударот, уништувајќи сè на патот кон целта.

Новата ракета доби прекар – „летечки Гинсу“, според високо квалитетниот готвачки нож, а овој проектил, кој може да помине низ ѕидови и автомобили, исто така го нарекуваат и „нинџа бомба”.

Развојот на тајната ракета започна во 2011 година како обид да се намали бројот на цивилни жртви во борбата против терористите, особено поради тоа што екстремистите често ги користеа цивилите како жив штит.

Додека конвенционалните ракети при експлозија ги претворуваат објектите во летачи шрапнели, поради што се погодни за убивање на голем број на непријателски борци „П-икс 9“ е најдобра за насочување кон поединци.

Американската армија ја користела „П-икс 9“ само неколку пати, велат официјални лица за „Волстрит џурнал“, откривајќи дека ракетата се користела во операции во Либија, Ирак, Сирија, Јемен и Сомалија.