Американската администрација денеска соопшти дека воведува нови санкции за иранските официјални претставници за кои смета дека се вмешани во дестабилизирачките активности на Блискиот Исток, како и во нападот врз американските воени бази во Ирак од почетокот на неделава.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео кажа дека новите санкции се насочени против осум високи ирански функционери, додека министерот за финансии Стивен Мнучин кажа дека претседателот Доналд Трамп веќе издал извршна наредба за воведување санкции на секој што е инволвиран во иранската текстилна индустрија, градежништвото, производството и рударството, пренесоа американските медиуми.

Тој додаде дека санкциите се однесуваат и на секторите за железо и челик.

-Како резултат на оваа одлука укинуваме милијарди долари поддршка за иранскиот режим, рече Мнучин.

Администрацијата на Трамп веќе ги врати санкциите што ги укина по потпишувањето на нуклеарниот договор во 2015 година, што предизвика значајна економска штета во Иран.