Германскиот ракометен бундеслигаш Кил, објави добри вести во врска со повредата на 26-годишниот Норвежанец Сандер Сагосен. Норвежанецот се здоби со повреда по еден прекршок во 11. минута во натпреварот против Фуксе Берлин. По оваа повреда во Кил стравуваа дека се работи за скршена клучна коска што ќе значеше долга пауза за бекот.

По деталните прегледи на докторскиот тим и направената магнетна резонанца утврдено е дека Сагосен се здобил само со истегнување на зглобовите на клучната коска и како што најавуваат од Кил на терените ќе се врати по 14 дена.

Ова се добри вести пред продолжението на Бундеслигата, но и Лигата на шампионите каде што Кил веќе обезбеди пласман во четвртфиналето и го чека подобриот од дуелот помеѓу Елверум и ПСЖ.