Рускоска: Партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ го организирал упадот во Собранието

85

“Освен исказот на обвинетиот, Александар Василевски Нинџа, се друго е тајна во оваа фаза од постапката. Според законот за кривична постапка истрагата е тајна. Осомничениот Н.Г. како претседател на политичката партија во тој период ги повикал преку медиум граѓаните на протести и заедно со другите обвинети за таа цел ја ставиле во функција целата партиска структура, изјави денес обвинителката Вилма Рускоска и потенцира дека законот за амнестија не важи за организаторите

На самиот крај на судскиот процес за собраниските настаните од 27 април 2017 година за што по дадената амнестија за 15 лица, сега им се суди само на 18 обвинети, обвинителството вчера, за истиот настан отвори нова истрага против пет други лица. Според досега собраните докази тие, како што соопштија од обвинителството, го организирале упадот во Собранието. Вчера, попладнето под сомнение дека го сториле кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок беа приведени поранешниот спикер на Собранието Трајко Вељановски, и ексминистрите Спиро Ристевски и Миле Јанакиевски на кои по дадените првични изјави судија на претходна постапка на барање на обвинителствотот им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена и тие ноќта беа спроведени во истражниот затвор во Шутка. Бидејќи Вељановски се повикал на својот пратенички имунитет тој по првично дадената изјава д го напушти Кривичниот суд.

За организиран напад во Собранието, обвинителството ги сомничи и екс премиерот Никола Груевски кој има политички азил во Унгарија, и Никола Бошкоски поранешен разузнавач кој избега во Грција.

Обвинителката Вилма Рускоска  одби да сподели со јавноста дел од доказите во истражната постапка која се води против петтемина организатори на упадот во Собранието и рече дека во истрагата не се користени ПИМ мерки. “Освен исказот на обвинетиот, Александар Василевски Нинџа, се друго е тајна во оваа фаза од постапката. Според законот за кривична постапка истрагата е тајна, не можеме сега да презентираме докази, освен изјавата на обвинет која е јавно дадена – рече Рускоска на прес-конференцијата.

Како што појасни Рускоска, осомничениот Н.Г. како претседател на политичката партија во тој период ги повикал преку медиум граѓаните на протести и заедно со другите обвинети за таа цел ја ставиле во функција целата партиска структура. Таа додаде тој бил во постојан контакт со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски инсистирајќи да ги споменува со иницијали, а не со целосно име и презиме.
“Имаме и пораки, дел се обезбедени, за тоа е и отворена истрагата, се уште се работи”, рече Русковска.

Државниот обвинител Љубомир Јовески, пак, рече дека по опсежна предистражна постапка се донела наредбата за спроведување истражна постапка и против организаторите, додавајќи дека за документирање на доказите им било потребно значително време, а најмногу за вештачењето на одредени телефони и нивната содржина.
Запрашана како ќе ги обезбеди бегалците Груевски и Бошкоски Русковска најви дека доказите ќе ги достави до Судот кој пак преку Министерството за правда треба да побара екстрадиција.

-Како и за Н.Г. сметам дека надлежните органи во Грција ќе удоволат на барањето за екстрадиција на нашите надлежни органи. Тие екстрадицијата ја одбија затоа што за тоа веќе бил помилуван, но за ова кривично дело не е помилуван и очекувам властите во Грција да одговорат позитивно на нашето барање – рече обвинителката.
Во однос на претходно притворениот шеф на УБК Владимир Атанасовски, Рускоска посочи дека неговиот предмет ќе биде споен со овој.

Во исказот на еден од обвинетите во судот како дел од организаторите беа посочени и Билјана Бришковска – Бошковски и Кирил Божиновски, но Русковска истакна дека тие засега не се вклучени во истрагата затоа што им се потребни повеќе докази од само еден исказ на обвинет.

На новинарско прашање поврзано со амнестијата за 27 април, Русковска рече дека во законот е јасно нагласено дека таа не важи за организаторите.
Според неа доколку не биле отворени вратите на Сорбанието, крвавиот четврток немало да се случи.