Рускоска: Нема да се правдаме за притворот на Чавков

138

Барањето и одредувањето на притворот на Чавков е врз основа на службена белешка од припадник на единицата “Алфи#, во која е наведено сознание од близок пријател на екс-директорот дека тој поседува вила на Халкидики и дека се спрема за бегство,за што обвинителката Вилма Русковска вели дека немаат намера да се правдаат.

Не стивнуваат реакциите особено на правната фела по апсењето на поренешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков кој завчера попладеното, само два дена пред објавувањето на пресудата за настаните во Собранието од 27 април (ќе биде изречена во петок), беше спроведен во затворот Шутка, бидејќи, наводно, подготвувал бегство во Грција и покрај тоа што претходно во судот имаше депонирано гаранција од 600.000 евра во недвижен имот.

Она што најмногу ги зачудува адвокатите и правниците е двојниот стандард на судот во поглед на гаранцијата при што во едниот случај гаранцијата во имот беше причина Митко Чавков да биде ослободен од притвор, а сега после една година, истата гаранција не важи. Според нив невообичаено е да се одредува ваква мерка пред пресуда.

Но, обвинителката Вилма Рускоска, која го води предметот, вели дека нема да се правдаат за притворот на Чавков. Според неа, мерката му била одредена врз основа на сознанија на полицијата и поради тоа нема причина да не им се верува на полициските службеници.

Со ваквиот начин на постапувањето на Судот, практично на Чавков му е изречена пресуда, пред истата да биде јавно објавена,коментираат адвокатите. Неговиот адвокат, Сашо Дуковски, кажа дека притворањето на само два дена пред изрекување на пресудата значи дека таа е веќе донесена и казната е драконска, односно 14 години затвор.

Професорот Гордан Калајџиев вели дека е изненаден од притворањето на Митко Чавков на два дена пред објавување на пресудата за 27 април.

– Јас бев изненаден со одлуката. Ваков преседан досега не сме имале, притвор пред објавување на пресудата. Она што ги плаши луѓето е дека е веќе падната одлуката и дека се спрема тешка казна. Морам да признаам дека сум изненаден од оваа одлука, рече Калајџиев.

Барањето и одредувањето на притворот на Чавков е врз основа на службена белешка од припадник на единицата Алфи, во која е наведено сознание од близок пријател на екс-директорот дека тој поседува вила на Халкидики и дека се спрема за бегство.

Зорица Чавкова, ќерка на екс-министерот Митко Чавков го повика обвинителството јавно да обзнани барем еден доказ со кој се поткрепува информацијата, од службената белешка на МВР, дека Чавков поседува вила на Халкидики и дека планирал бегство. “Одговорно тврдам дека ова е лага. Убедена сум дека оваа белешка е измислена под притисок и закани од нарачателите и дека ќе се разоткријат истите. За овој случај ќе бидат известени сите меѓународни субјекти, сите амбасади#, напиша Чавкова на “Фејсбук#

Врз основа на вакви службени белешки во кои аргументите и доказите дека навистина се спрема бегство не се презентираа во јавноста, беа притворени и екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и Кирил Божиновски.

Притворањата врз основа на службена белешка, особено зачестија по бегството на екс премиерот Никола Груевски, кој сега е азилант во Унгарија.